Пендаровски: Што помалку политика во бизнисот, толку подобро за целата држава

Претседателот Пендаровски  повика да се расчистат сите случаи околу рекет на луѓе од бизнис заедницата на денешната посета на Стопанската комора на Северо-Западна Македонија.

Според претседателот тоа е најсигурен начин една држава да не постои, ако се забошотуваат или ставаат под тепих или ако се оди до половина во расчистување на вакви случаи.

Претседателот се заложи да има што помалку политика во бизнисот.

– Што помалку политика во бизнисот, подобро за бизнисот, подобро за сите нас како држава. Секаде каде што има политички мешања во бизнисот, економијата трпи. Можеби една фамилија се богати, како што беше случај пред повеќе години, можеби неколку луѓе околу нив, можеби една политичка партија имаа најбогато седиште во Европа, меѓутоа во просек, народот страда. Значи, да ги тргнеме на страна тие работи и да се дистанцираме. Политичарите прават амбиент за бизнисот, но не учествуваат, не се партиципиенти во бизнисот на ниеден начин. Ниту преку посредници, ниту директно, ниту индиректно. Значи генерално, било кој да е на власт, политичарите да ги тргнат надвор рацете од бизнисот. Ако сакаш да се бавиш со економија, ќе ја напуштиш политиката, ќе формираш фирма и ќе си бркаш бизнис – порача претседателот.

На средбата со стопанствениците од оваа комора, претседателот рече дека не прави никакви поделби и дека ќе разговара со сите, бидејќи целта е иста, да се направи животот во Република Северна Македонија поубав и побогат.

Тој најави дека акцент ќе стави на економската дипломатија, а побара и договор околу стратешките прашања, за кои и претседателот, заедно со власта и опозицијата, ќе работат на нивна реализација.

– Тоа се вообичаените реторики на политичките партии, кои ги слушаме со години, посебно засилени последниве година, година ипол, со една запалива реторика која ги иритира граѓаните, независно од која етничка припадност се и за која партија гласаат. Јас мислам дека таа партиска или интрапартиска реторика треба да се стиши, да се намали, и да почнеме да зборуваме за сосема конкретни работи, од што живееме и како да живееме подобро – рече претседателот Пендаровски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот