Пендаровски се сретна со Курти и Пашиниан во Минхен

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска во Минхен, на маргините на 56. Минхенска безбедносна конференција, оствари билатерални средби со премиерот на Република Косово, Албин Курти и со премиерот на Република Ерменија, Никол Пашиниан, информираат од неговиот Кабинет. 

На средбата со премиерот на Република Косово, Албин Курти, претседателот Пендаровски упати честитки за успешно реализираните парламентарни избори и за изборот на новата Влада во Косово, предводена од премиерот Курти. Претседателот Пендаровски истакна дека нашата земја очекува со новата Влада на Република Косово да се зацврсти билатералната соработка во сите области од заеднички интерес подвлекувајќи дека на тој начин ќе се продлабочат добрососедските односи кои придонесуваат за напредокот, стабилноста и безбедноста на регионот.

Претседателот Пендаровски нагласи дека Косово е еден од најзначајните трговски партнери на Северна Македонија при што трговската размена се одвива слободно без царини и придонесува за развој на економиите на двете соседни држави. За продолжување на овој позитивен тренд, претседателот Пендаровски изрази интерес за одржување на четврта седница на Мешовитиот комитет за економска соработка во периодот што следи. На средбата се разговараше и за идни заеднички иницијативи како дел од регионалната соработка.

На средбата со премиерот на Република Ерменија, Никол Пашиниан беше изразено задоволство од неодамна воспоставените дипломатски односи што претставува ново поглавје во билатералните односи и отвора нови можности за понатамошно интензивирање на политичкиот дијалог.

Претседателот Пендаровски ја истакна потребата од воспоставување на договорна рамка со која двете земји ќе може да ја унапредат и продлабочат билатералната соработка во областа на економијата, трговијата, културата, образованието, здравството и други значајни области од заемен интерес. Ерменската заедница во Северна Македонија којашто е организирана преку Друштвото за македонско-ерменско пријателство, оцени претседателот Пендаровски, придонесува за збогатување на мултикултурното општество и претставува елемeнт на поврзување меѓу двете држави.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот