Пендаровски разговараше со Папата Франциск за солидарноста која е клучен елемент за заедничката борба против пандемијата

Во телефонскиот разговор беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу Република Северна Македонија и Светиот Престол, кои се пријателски и се базираат врз значајни историски врски, споделени духовни и културни вредности и традиции.

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска оствари телефонски разговор со поглаварот на Римокатоличката црква, Неговата Светост Папата Франциск.

Заблагодарувајќи се за можноста за реализација на телефонскиот разговор со Папата Франциск, претседателот Пендаровски изрази жалење што поради пандемијата на КОВИД-19 не се реализираше неговата посета на Ватикан по повод чествувањето на 24 Мај, Денот на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј и не беше остварена средбата со Неговата Светост.

Во телефонскиот разговор беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу Република Северна Македонија и Светиот Престол, кои се пријателски и се базираат врз значајни историски врски, споделени духовни и културни вредности и традиции.

Истакнувајќи ја историската важност на минатогодишната посета на Папата Франциск на Република Северна Македонија, претседателот Пендаровски посочи на интересот на нашата држава за продлабочување на врските со Светиот Престол во сите сфери од заемен интерес. Во тој контекст претседателот Пендаровски го истакна придонесот на католичката заедница во Северна Македонија како во градењето на односите со Светиот Престол така и во севкупните меѓу-религиски односи во земјата.

-Покрај останатото, двајцата соговорници разменија информации за актуелната состојба поврзана со пандемијата на КОВИД-19. Претседателот Пендаровски оддаде признание за улогата на Папата Франциск во охрабрување на луѓето и нациите и поттикнувањето на солидарноста како клучен елемент за заедничка борба против пандемијата и последиците од неа- стои во соопштението до Кабинетот на претседателот.

Претседателот Пендаровски го истакна и големиот придонес на Неговата Светост за глобалните прашања што нè засегаат сите, како што се мирот, борбата против сиромаштијата, хуманото постапување со бегалците и мигрантите, климатските промени и животната средина.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот