Пендаровски: Пораката на Манифестот од НОВ дека слободата, правдата и еднаквоста се можни само преку единство важи и денес

Стево Пендаровски
Стево Пендаровски / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Со низа свечености и голем народен собир во селото Црвен Вода Општина Дебрца денеска беше одбележан 3. октомври – Денот на Општината како и 76-годишнината од донесувањето на Манифестот на Генералштабот на НОВ и ПОМ.

На собирот свое обраќање имаше претседателот на државата и врховен командант, Стево Пендаровски, кој потсети на славната историја на Дебрца, каде се раѓаше слободата и државноста во времето на Народноослободителната војна.

Тој нагласи дека токму на денешен ден пред 76 години во Црвена Вода е донесен најважниот од тие документи – Манифестот на Главниот штаб упатен до македонскиот народ, чие особено значење произлегува од тоа не само што е прв официјален документ на македонски јазик отпечатен во првата партизанска печатница „Гоце Делчев”, сместена токму тука, туку и затоа што во себе ги содржи трите лекции за континуитетот, за соживотот и за сојузништвото.

– Овој документ ги поврзува Крушевскиот и Манифестот на Првото заседание на АСНОМ. Преку него Главниот штаб ги повикал старите Илинденци и младите партизани да се сплотат во народноослободителната борба. Овој документ повикува на чување на единството меѓу етничките и верски заедници што е зацврстувано преку заедничката антифашистичка борба. Бидејќи токму единството на различните ја прави слободата не само возможна и одржлива, туку и вистински вредна за живеење. Во знакот на тоа единство, Манифестот бил преведен и печатен и на албански јазик, рече претседателот притоа посочувајќи оти Манифестот го потврдува местото на македонскиот народ во големата антифашистичка коалиција.

За самиот документ претседателот Пендаровски уште нагласи дека ги исцртал контурите на идното уредување на македонската држава како рамноправна Република во тогаш заедничката Федерација, а формулациите на Манифестот се преточени во речиси сите државотворни документи донесени на Првото заседание на АСНОМ, од Прогласот, па се до Декларацијата за основните права на граѓанинот.

– Прославувајќи го 3 октомври тука, Манифестот го добива своето заслужено место во националната историја, а истовремено се потсетуваме на главната порака од Манифестот – дека слободата, правдата, еднаквоста можат да се постигнат само преку единство меѓу сите граѓани, независно од етничката, верската, идеолошката, социјалната или генерациската припадност. Затоа што денес, во очекување на нашето членство во НАТО и датумот за почеток на преговорите со Европската Унија, нам и те како ни е потребно тоа единство. Така ќе покажеме и ќе докажеме дека и ние сме ја научиле лекцијата на славната антифашистичка генерација – рече Пендаровски.

Покрај Пендаровски свои обраќања на собирот имаа уште и градоначалникот на Дебрца, Зоран Ногачески, претседателот на Главниот одбор на Сојузот на борците од Народно-ослободителната антифашистичка војна на Македонија, Никола Стојаноски, претседателот на

Општинската организација на Сoјузот на борци на Охрид и Дебрца и потпретседател Главниот одбор, Гоце Георгиевски.

На 3 октомври 1943 година токму во селото Црвена Вода беше донесен Манифестот на Генералштабот на НОВ и ПОМ, во време кога на чело на Генералштабот беше Михајло Апостолски. Во документот беше претставена платформата на НОБ и државноста на Македонија, а Манифестот е потпишан од страна на сите тогашни членови со полни имиња, со цел да се отстранат сомнежите од тогашната пропаганда дека за ослободувањето на Македонија не се борат Македонци, како и да се минимизира целото народноослободителско движење.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот