Пендаровски, Петровска и Османи на Самитот на НАТО во Мадрид

Почнува Самитот на НАТО во Мадрид / Фото: EPA-EFE/Kiko Huesca

Државна делегација предводена од претседателот Стево Пендаровски денеска и утре ќе учествува на Самитот на НАТО во Мадрид. Во состав на државната делегација се министерката за одбрана Славјанка Петровска и шефот на дипломатијата Бујар Османи.

Претседателот Пендаровски, придружуван од сопругата Елизабета Ѓоргиевска, вчера присуствуваше на свечената вечера, која во чест на лидерите на земјите членки на НАТО, учесници на Самитот, ја приредија шпанскиот крал Фелипе Шести и неговата сопруга, кралицата Летиција.

Шефот на државата и врховен командант на Вооружените сили денеска и утре ќе учествува на состаноците на Северноатлантскиот совет, што се одржуваат на ниво на шефови на држави или влади.

Претседателот Пендаровски, денеска, во придружба на сопругата, ќе присуствува на неформалната трансатлантска вечера на ниво на шефови на држави или влади, која ја приредува шпанскиот премиер Педро Санчез, информираат од Кабинетот на шефот на државата.

Во рамки на учеството на Самитот на НАТО, предвидено е претседателот Пендаровски да оствари повеќе билатерални средби.

– На Самитот на НАТО во Мадрид ќе бидат адресирани ургентните безбедносни предизвици на денешницата и иднината. Лидерските состаноци на Северноатлантскиот совет е предвидено да бидат фокусирани на усвојување на новиот Стратегиски концепт, унапредување на одбранбените капацитети, споделување на товарот и снабдување со ресурси, поддршка за Украина и останати партнерства, соопштуваат од Кабинетот на претседателот на Републиката.

Министерката за одбрана Славјанка Петровска, пак, за време на Самитот, заедно со министрите за одбрана на Португалија и Бугарија, Хелена Кареирас и Драгомир Заков и претседавачот на Воениот комитет на НАТО, адмирал Роб Бауер, ќе учествуваат на панел-дискусија организиран од НАТО Одделот за јавна дипломатија – НАТО Јавен Форум, на тема „Придонесот на НАТО за безбедноста и стабилноста во неговото соседството”.

Во текот на денешниот ден, Петровска ќе учествува на работна вечера на министрите за одбрана на земјите членки на НАТО, на која ќе присуствува и министерот за одбрана на Босна и Херцеговина, Сифет Поджиќ, и на која ќе се разговара за влијанието на хибридните закани во земјите од Западен Балкан.

– На претстојниот Самит на НАТО главна тема ќе биде усвојувањето на новиот Стратешки концепт на НАТО, кој ќе биде патоказ во наредните десетина години, базирајќи се на новата безбедносна реалност, а со цел прилагодување на промените во светот за зачувување на безбедноста на своите над една милијарда граѓани. На самитот ќе се дискутира и за зајакнување на капацитетите за одвраќањето и одбраната, за апликациите на Шведска и Финска, за идната поддршка на Украина, за безбедносни прашања на денешницата и за останати важни прашања со кои се соочува Алијансата, соопштуваат од Министерството за одбрана.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот