Пендаровски: Очекуваме јасна покана за почеток на пристапните преговори

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Очекуваме јасна покана за почеток на пристапните преговори со Европската Унија, свесни сме за предизвиците со кои се соочува ЕУ, како и за дебатите за проширување, но секое одолговлекување на европските перспективи на регионот значи потенцијално отворање простор за други актери, вклучително и безбедносни, кои не нудат одржливи алтернативи на ЕУ и НАТО, изјави претседателот на државата Стево Пендаровски.

Пендаровски, посочи дека сепак, тоа најмногу зависи од нас и од реформските резултати во земјата пред се во однос на владеење на правото и борбата против високата корупција.

Претседателот потсети дека сега земјата се наоѓа во една нова реалност, а тоа е скорешното пристапување во НАТО.

– Клучниот стратешки пробив што Северна Македонија го направи во однос на сопствената безбедност е поканата за членство во НАТО во јули 2018 година. Тоа беше историски исчекор и пресврт, кој нас како држава конечно ќе не позиционира на светската безбедносна мапа еднаш засекогаш, истакна Пендаровски.

Шефот на државата истакна дека во таа насока од големо значење се реформите во безбедносниот сектор кои со години беа запрени и дури во последнава една и пол година се динамизирани.

– По поканата за членство во Алијансата ние сме во помирни води но безбедносните предизвици во регионот се уште се присутни. Тероризмот, верскиот екстремизам, сајбер нападите, дезинформационите кампањи, хибридните војни се присутни и нема наскоро да исчезнат. Најдобриот начин за справување со овие закани кои се наоѓаат високо и на агендата на НАТО е да ги следиме информациите и трендовите и заедно со другите членки на Алијансата да се соочиме со нив, рече тој.

Деканот на Факултетот за безбедност Никола Дујовски рече дека одбраната и безбедноста се актуелни прашања кога целиот регион на Југоисточна Европа се соочува со значајни предизвици, како што е тероризмот, заканите за илегална имиграција…

Тој му врачи плакета на претседателот Пендаровски за досегашната успешна соработка и поддршка, подвлекувајќи дека тој е прв претседател по 42 години кој за првпат доаѓа во таа институција.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот