Пендаровски не заслужува да биде „поклопен“ со комични рецитали и со изливи на „спонтана емотивност“

Кандидатот за претседател Стево Пендаровски го познавам одамна. Не толку добро колку што би сакал, но доволно за да заклучам дека станува збор за еден мошне пристоен човек и политичар. Гласав за него на претходните претседателски избори. Тоа само по себе кажува многу.
 
Овие дечкиве со пенкалцава и со запалките кај мене на врата нешто доцнат, така што сѐ уште ја немам прочитано неговата програма. Но, верувам дека станува збор за едно пристојно и модерно политичко четиво. Тоа од него и се очекува.
 
Од Пендаровски јас лично очекувам и нешто друго – да ја збогати својата изборна кампања со личен придонес во отфрлањето на непотребните изливи на „спонтана емотивност“, кои инаку солидно замислените перформанси често ги претвораат во драмолетки што сите нѐ потсетуваат на едни одамна минати времиња.
 
Искрено, не знам што тука би можел да стори Стево лично, но тој не заслужува неговите настапи да бидат „покриени“ со вакви циркузирања. Можеби треба да ги замоли луѓето од својот штаб максимално да се потрудат да го поштедат од вакви непотребни глупирања.
 
Ако стане претседател, Стево Пендаровски не смее и сигурен сум дека нема да биде ничија „десна“ или „лева“ рака, ничиј потрчко, ничиј фикус. Лично, очекувам тој тоа во погодна прилика јасно и гласно да го каже. И тоа што побрзо…
 
И секако, очекувам Пендаровски јавно да се обврзе една од неговите клучни мисии да биде намалување на конфликтноста во нашето општество, која е главна пречка за развојот на Македонија. Тоа е голема и тешка задача, примерена за еден иден голем претседател на нашата татковина.
 

Продолжувам да ја следам кампањата на Пендаровски мошне внимателно. Но, моја професионална обврска е да обезбедам нашите новинари слободно да известуваат и за оние оние настани во кампањата кои Стево, Заев и СДСМ ги прикажуваат во лошо светло.

Жалам што тоа некому не му се допаѓа, но јас сум новинар а не навивач во некоја трета лига потсојуз. При тоа, искрено се надевам дека некој од луѓето кои ја дизајнираат кампањата на кандидатот Пендаровски ќе излезе од вителот на „емотивната спонтаност“, ќе се чукне малку во главата и ќе сфати дека вака не е убаво. И дека ќе стори нешто умно, дури и е време.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот