Пендаровски не очекувал дека Бугарите ќе го исполитизираат случајот со Пендиков

Јас, владата и Министерството за надворешни работи направивме јасно разграничување на она што е наша државна надлежност по охридскиот случај – да повикаме на одговорност, меѓутоа ние притоа не се обидувавме тој случај да го спакуваме во целината на македонско-бугарските билатерални односи, рече претседателот на Македонија, Стево Пендаровски, во интервју за „Телма“.
„Можеме да дискутираме за секое соопштение, јас можам да разговарам за моето во кое направив неколку елементи, следејќи го соопштението на ОЈО Охрид. Прво, осудив чин на насилство, кој е наспорен, бидејќи дечкото има тешки телесни повреди. Второ, кажав дека е секретар на клубот на Бугарите во Охрид, затоа што ОЈО Охрид, не јас или вие, тврдеше дека така почнал инцидентот, дека му рекле „не ти е срам да се пишеш Бугарин“. Значи го следев она што го кажува официјален државен орган, не чаршијата што преде приказни. И на крајот, во третиот дел, ги повикав надлежните органи да го расчистат целиот случај и виновните, не велам кој е виновен, да сносат санкции“, го обраложи претседателот Пендаровски сопственото соопштение што го лиферуваше во јавноста по инцидентот во Охрид во кој беше претепан генералниот секретар на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“, Христијан Пендиков.
Тој вели дека во соопштението не мешал политика, Македонци или Бугари, туку се држел до сознанијата што до тој момент биле утврдени од официјален државен орган – Јавно обвинителство.
„Такво нешто, објективно, не видов од бугарска страна од каде сето тоа веднаш, ама веднаш, се вклопи во македонско-бугарскиот наратив дека е „тепан е само заради тоа“, итн. Тоа беше политизација на случајот што, да бидам искрен, не ја очекував“, истакна шефот на државата.
Пендаровски се навраќа и на случаи од десетина години наназад кои биле ставени во контекст на македонско-бугарските односи.
„Пример е познатиот случајот на Спаска Митрова од Гевгелија во кој една расправија околу старателство врз дете на двајца брачни другари, во тоа време кога немавме абер од преговори со Европската Унија, беше ставен во македонско-бугарскиот контекст, во тие етнички и политички наративи“, посочува Пендаровски.
Бугарија деновиве го повлече својот амбасадор Ангел Ангелов од Скопје на консултации во Софија, за што македонскиот претседател одговори:
„Бугарскиот амбасадор замина заедно со дечкото кој го однесоа на лекување во Софија. Подоцна ја кажаа таа квалификација дека ќе остане извесен период на консултации. Значи, не е повикан на консултации по два или три дена, туку истиот ден, но неспорно е останат за консултации“, вели претседателот Пендаровски.
Кој е Христијан Пендиков, претепаниот охриѓанец за кој цела јавност зборува