Пендаровски на сесија на ОН: Пандемијата бара системски одговор, заедно да работиме на издржливи здравствени системи

Пандемијата како системска закана бара системски одговор. Треба заедно да продолжиме да работиме во создавањето на издржливи, добро управувани, одговорни, отчетни здравствени системи кои им служат на граѓаните, порача претседателот Стево Пендаровски на специјалната сесија на Генералното собрание на Обединетите нации, посветена на пандемијата на ковид-19 што се одржа вчеравечер по средноевропско време.  

– Пандемијата на ковид-19 и натаму претставува најголем ризик за човештвото. Голем број семејства изгубија свои членови, а многу заедници се сериозно погодени. Оваа здравствена криза ги зафати и другите сектори на нашите општества, а економиите претрпеа особено тешки загуби. Со својата здравствена, економска, социјална, хуманитарна и безбедносна димензија, пандемијата е голем тест за нашите земји на начин со каков досега се немавме соочено и нè потсети колку сме меѓусебно поврзани. Со страдањата што ги предизвикува, пандемијата ги разоткри системските слабости и нееднаквости во нашиот свет, рече Пендаровски.

Осврнувајќи се на состојбата и мерките што се преземаат за спречување на ширењето на вирусот во земјава, Пендаровски посочи дека е прогласена кризна состојба на целата територија на државата во рок од 30 дена со цел да му се помогне на здравствениот систем и да се спасат што е можно повеќе човечки животи.

– Оваа голема опасност исто така претставуваше и можност за нашите земји и народи да демонстрираат единство, солидарност и мултилатерална соработка. Во име на македонските граѓани, би сакал да им се заблагодарам на Обединетите нации и Светската здравствена организација за нивното лидерство во координирањето на глобалните напори за контрола и спречување на ширењето на КОВИД-19. Исто така, благодарни сме на сите земји и организации кои нè поддржаа со медицинска опрема, материјали и споделено знаење и искуство, рече Пендаровски.

Оцени дека многу предизвици ќе останат дури и во пост-КОВИД периодот. -Патот до социјално-економско, па дури и ментално закрепнување за многумина од нас ќе биде долг и сложен. Но, нема друга алтернатива. Човештвото треба со заеднички сили да работи на обновата на светот во кој ниту еден човек нема да биде изоставен, истакна Пендаровски на крајот на своето обраќање.

На сесијата што се одржува во рамки на Генералното собрание на Обединетите нации учествуваа над 150 шефови на држави, влади и министри.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот