Пендаровски му возврати на Мицкоски: Не бев исчезнат кога сакаше да направи ново мнозинство

Стево Пендаровски
Стево Пендаровски / Фото: Кабинет на претседателот Стево Пендаровски

„За него не бев исчезнат додека се обидуваше да направи парламентарно мнозинство од 61 пратеник. Одеднаш, според него исчезнувам, откога му пропадна обидот да направи мнозинство од 61 пратеник,“ изјави денеска претседателот Стево Пендаровски во врска со последните обвинувања од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Мицкоски денеска го критикуваше Пендаровски дека не ги коментирал последните случувања во земјава ниту, пак, презел нешто за енергетската криза која, според него, е и безбедносна.

„Стево Пендаровски е исчезнат. Го слушнавте ли, даде ли тој некој коментар за ова што се случува во Македонија. Јас не го гледам. Единствено мене што ме критикува одвреме-навреме, кога ќе добие нарачка од Зоран Заев,“ рече Мицкоски.

Пендаровски пред собраниската седница минатиот четврток на која опозицијата требаше да гласа за недоверба на владата, изјави дека државата е во политичка криза и може да биде уште полошо ако во наредните денови нема јасно мнозинство, од најмалку 61 пратеник. Во таков случај, како што рече Пендаровски, можеме да влеземе во т.н. бугарско сценарио, алудирајќи на трите последувателни циклуси парламентарни избори во Бугарија, поради тоа што ниту една партија не успева да состави влада.

Шефот на државата рече и дека поразот во Скопје на локалните избори не смеел да биде повод за премиерот Зоран Заев да се повлече од функцијата и додаде дека смета оти оваа политичка криза е предизвикана од потегот на премиерот.

Видео на денот