Пендаровски-Мими Кодели: Македонија и Албанија заслужуваат да ги започнат преговорите со ЕУ бидејќи тоа ќе се одрази позитивно врз целиот регион
Претседателот Стево Пендаровски денеска прими делегација од Парламентот на Албанија, предводена од Мими Кодели, пратеничка и претседателка на Комисијата за надворешна политика.
На средбата претседателот Пендаровски посочи дека нашата држава има јасна определба за продолжување на меѓусебната соработка со Албанија преку отворен и конструктивен политички дијалог, како најприфатлив можен начин за градење добрососедски односи и просперитетна иднина. Во тој контекст, ја нагласи важноста од продолжување на динамичната соработка меѓу парламентите на двете држави.
Покрај ова, беа разменети мислења и информации за европските интеграции, како и за последниот развој на настаните по одржувањето на состанокот на Советот за општи работи на Европската Унија. Притоа, соговорниците се согласија дека и Северна Македонија и Албанија заслужуваат неодложно да ги започнат преговорите со Европската Унија, при што оценија дека тоа ќе се одрази позитивно врз целиот регион и е геостратешка инвестиција во стабилна и просперитетна Унија.