Пендаровски: Македонските Евреи се едни од нас

Положување цвеќе на споменикот ма евреите/ Фото: Драган Митрески

Претседателот Стево Пендаровски се обрати на комеморативната вечер по повод одбележувањето на 79-годишнината од холокаустот на македонските Евреи, што се одржa во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија, а во организација на Еврејската заедница и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија, информираат од кабинетот на претседателот Пендаровски.

На комеморативната вечер, одржана во рамки на програмата за одбележување на 11 март 1943 година, денот кога 7.144 македонски Евреи од Скопје, Битола и Штип беа депортирани во логорот на смртта Треблинка, претседателот Пендаровски присуствуваше и на отворањето на изложбата „Живот“, посветена на преживеаните Евреи кои се вклучија во обновата на Еврејската заедница и во изградбата на новосоздадената македонска држава, пишува во соопштението.

Во своето обраќање, претседателот Пендаровски истакна дека историјата нè учи дека во времиња на кризи и конфликти, популистите ги хранат луѓето со страв и гнев кон послабите и поранливите.

„Тука не зборувам само за антисемитизмот, туку и за сите други форми на омраза кон различните што се шират низ социјалните мрежи и медиуми насекаде во светот. Мора да се спротивставиме на секој обид за ревизионизам и негирање на вистината за Холокаустот, но и на секоја форма на омраза кон различните од нас“, порача Претседателот.

Обраќањето на Пендаровски Ви го пренесуваме интегрално:

„Утре, на 11 март, се навршуваат 79 години од депортацијата на македонските Евреи во логорот на смртта Треблинка. Сеќавајќи се на тој ден на нашите сонародници, но и на сите жртви на нацистичките логори, секогаш повторно ни се наметнува прашањето: Како беше можен Холокаустот, во ерата на разумот, во научно и технолошки најразвиениот континент во светот, меѓу до тогаш најобразованата генерација? Од бројните причини, би сакам да издвојам три.

Прво, тоа е антисемитизмот што со векови тлеел низ Европа каде што Евреите во повеќе наврати се соочувале со погроми. Бегајќи од еден таков прогон, Сефардите во 15 век почнале да бараат прибежиште на Балканот.

Втората е, релативизирањето на моралните апсолути. Во 1882 година, нихилистот Фридрих Ниче напиша: „Бог е мртов… и ние го убивме“. Тој ја изрази увереноста на неговата генерација дека просветителството ја елиминирало можноста и потребата за поставувањето на еден стандард затоа што е „добро“ кој би бил објективно вистинит и независен од луѓето.

Трето, барањето виновници наместо решенија. Само 30 години по овие зборови на Ниче, светот влезе во циклус на насилства и војни од дотогаш невидени размери. Популистите ги злоупотребуваа овие кризи за да мобилизираат следбеници и да дојдат до власт и моќ. Со митови, заговори и дезинформации го потпалувале антисемитизмот и го насочувале гневот на масите кон Евреите. Холокаустот е кулминацијата на тоа зло.

На Ванзенската конференција од 20 јануари 1942-та, нацистите го драфтувале планот за „конечното решение на Еврејското прашање“. Овој план предвидувал уништување на 11 милиони Евреи од Европа. Некои од најголемите придобивки на таа ера, како научните достигнувања, техничката брилијантност и бирократската ефикасност, биле ставени во служба на најголемото зло.

Водени од идеологијата на омраза и презир кон слабите и ранливите, нацистите и нивните сојузници најпрво систематски ги лишувале Евреите од нивните граѓански права. Преку антисемитски прописи ги истиснувале на маргините на општеството, потоа ги дехуманизирале, бришејќи ја човечноста и индивидуалноста на жртвите, претварајќи ги во безлична маса. Крајната логичка последица на ваквиот морален вакуум биле логорите на смртта. Треблинка бил најголемиот од нив. За само 14 месеци, од август 1942 до септември 1943 во Треблинка биле убиени 925.000 лица. Меѓу нив се и македонските Евреи.

Со векови Евреите биле неразделен дел од македонскиот етнички, верски, јазичен и културен мозаик. Како почитувани еснафи, лекари, уметници и духовници придонеле за развој на општествениот, економскиот и културниот живот. Евреите заедно со македонскиот народ ги споделувале и неговите стремежи и неговите жртви во борбата за слободна држава.

Сето тоа запрело на 11 март 1943 година. Статистиките се запрепастувачки. Од околу 24.000 македонски жртви во Втората светска војна речиси една третина биле Евреи. Поточно, 7.144 мажи, жени и деца кои биле насилно собрани во Скопскиот Монопол и депортирани во логорот на смртта. Тие претставувале 98% од вкупната македонска Еврејска заедница.

Тешко е да се замисли, а уште потешко е да се опише монструозноста на Холокаустот. Ели Визел признава дека една од најголемите пречки при пишувањето на неговите лични сведоштва за Аушвиц бил самиот јазик. Тој вели дека зборовите глад, жед, страв, транспорт, селекција и оган тогаш значеле нешто друго. И заклучува дека „една рака пепел тежи повеќе од сите приказни за тоа проколнато место“.

Тука, во Меморијалниот центар на Холокаустот се трите урни со пепел од Треблинка, во спомен на Евреите од Скопје, Битола и Штип. Таа пепел говори погласно од секој наш искажан збор. Ние, тука присутните, сме опкружени и со делата на израелско-македонскиот уметник Мати Грундберг. Тој е последното Еврејско дете кое се родило само неколку дена пред депортацијата, и единственото од тој период кое преживеало. Грундберг го опишува злото сликајќи го оџакот на Треблинка што ги проголтал речиси сите членови на неговото многубројно семејство.

Целта на нацистите и нивните сојузници не била само да ги убијат Евреите туку и да го избришат споменот на нивното постоење. Затоа, ние мора да се сеќаваме на жртвите на Холокаустот и да не заборавиме дека секој од тие 7.144 Евреи е човек со име и презиме, со вродено и неотуѓиво човечко достоинство.

Но, мора да се сеќаваме и поради нешто друго. Историјата нè учи дека во времиња на кризи и конфликти, популистите ги хранат луѓето со страв и гнев кон послабите и поранливите. Тука не зборувам само за антисемитизмот, туку и за сите други форми на омраза кон различните што се шират низ социјалните мрежи и медиуми насекаде во светот. Мора да се спротивставиме на секој обид за ревизионизам и негирање на вистината за Холокаустот, но и на секоја форма на омраза кон различните од нас.

За таа цел, на неодамнешниот меѓународен форум за Холокаустот во Малме, Северна Македонија се обврза во наставната програма за основното образование да вклучи содржини што ќе го адресираат антисемитизмот и негирањето на Холокаустот. Како држава се обврзавме да организираме и задолжителни посети на овој Меморијален центар од страна на сите ученици од основното и средното образование.

Дали има надеж после Холокаустот?

Почитувани, јас сум убеден дека има. Причина за надеж се праведните меѓу народите, кои ги ризикувале сопствените животи за да спасат Евреи. Меѓу 14.000 праведници запишани во Јад Вашем е и Стојан – Богоја Силјановски, инвалид со една нога, кој имал дуќан во центарот на Битола, веднаш спроти полициската станица, кој за време на депортацијата криел осум жени Еврејки.

Втората причина за надеж се преживеаните. Евреите кои се спасија од Холокаустот станаа витален дел од антифашистичката борба. Меѓу осумте Еврејки што Богоја ги спасил беа и идните партизанки Естреја Овадија – Мара, Жамила Коломонос – Цвета, Естреја Леви – Лена, Роза Камхи Русо и Адела Фараџи – Ката.

По војната, дел од 300-те преживеани Евреи си заминаа бидејќи не можеа да живеат во испразнетите Еврејски маала, без своите најблиски, без да имаат со кого да проговорат на Ладино или на Јидиш. Многумина од нив се населија во Израел и станаа мост на пријателство меѓу нашите две држави. Но Евреите кои останаа се вклучија во обновата на Еврејската заедница и во изградбата на новосоздадената македонска држава. Изложбата „Живот“ им е посветена токму ним. Тоа се луѓето благодарение на кои и денес постои активна Еврејска заедница.

Неодамна, на Ханука, истакнав дека ние сме особено горди на нашите сограѓани Евреи, затоа што тие сите нас нè потсетуваат на конечната победа на животот над уништувањето, и на сеќавањето над заборавот. Затоа, ние одбираме да се сеќаваме, за да не се повтори.

Ви благодарам.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот