Пендаровски: Има волја од Бугарија да ни помогне со енергија преку механизмите на ЕК

Стево Пендаровски фото МИА

Како Бугарија, која има вишоци на струја, може да и помогне на земјава во енергетската криза, а да не се нарушат правилата што ги налага Еврппската Унија. За тоа денеска во Софија разговарал претседателот на државата Стево Пендаровски со бугарскиот колега Румен Радев и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

По трилатералната средба, шефот на државата изјави дека има подготвеност од бугарска страна да ни помогне во снабдувањето со електрична енергија, преку механизми на ЕК, односно низ компензациските т.е. солидарните фондови, слично како со вакцините за време на КОВИД-пандемијата.

– Разговаравме за тоа како може Бугарија да ни помогне во оваа ситуација. Република Северна Македонија е најмногу зависна од енергија, најмногу ни треба електриучна енергија во овој период, а Бугарија е една од многу ретките држави на целиот европски континент која има вишоци на струја, пред се затоа што има нуклеарка на бугарско-романската граница. Меѓутоа, има правило, и бараме начин како да не го повредиме, а да ги задоволиме потребите на нашата држава. Правилото е дека земја членка на Европската Унија која има вишоци на струја, мора да ги продава на светскиот пазар. И кога одите на светскиот пазар цените се многу повисоки од она што може да го добиете во билатерално договорање. Од бугарска страна има јасна, и политичка и секаква друга волја, да и се помогне на Република Северна Македонија во оваа тешка ситуација, изјави претседателот Пендаровски.

За медиумите тој појасни дека Бугарија, како членка на ЕУ, бара од Европската комисија механизам како можеме да не ги рушиме европските директиви, прописи и правила и да се направи, како што рече, билатерална трансакција меѓу земја членка на ЕУ и земја која се уште не е членка на Европската Унија.

– Тоа беше целта на нашата средба заедно со Фон дер Лајен. Има неколку механизми, еден од нив кој е применуван, особено во време на КОВИД-кризата, да се побара од тие т.н. компензациски фондови на ЕУ да се обесштети државата која, евентуално, би морала по светски цени да ги набавува енергентите. ЕУ ги има тие солидарни фондови преку кои им се помага на земјите што се уште не се членки. Нешто слично како со вакцините кога беше врвот на короната, а кога вакцинацијата на светско ниво беше тукушто започната, рече Пендаровски, кој ја посети Бугарија на покана на Радев и првпат во четвртата година од мандатот.

На новинарско прашање дали процедурата која денеска ја договарале ќе одземе време, одговори дека за опцијата компензација од ЕУ секогаш помислува на долгите бирократски правила на Унијата, која, како што рече, е гломазна организација со 27 земји членки.

– Првото и последното мое прашање до Фон дер Лајен беше дали можеме во некој разумен временски рок, ако работните групи на двете држави, кои и денес работат, најдат решение во рамки на оваа варијанта, дали може да биде во некое разумно време со компензацијата. Таа ми рече дека ако се запазат процедурите и ако апликацијата е во ред, а тоа ќе го направиме со помош на нивни експерти зашто би го правеле првпат, дека тоа може да се заврши за неколку недели, а не за неколку месеци, рече шефот на државата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот