Пендаровски го формирал новиот Совет за безбедност

Претседателот Стево Пендаровски, во интервју за „360 Степени“ што ќе се емитува вечерва на ТВ Алсат, објавува дека го комплетирал составот на Советот за безбедност.

Ова советодавно тело на шефот на државата брои девет членови од кои шест по функција – претседателите на државата, на Собранието и на Владата, како и министрите за внатрешни, за надворешни работи и за одбрана.

Тројца членови се по предлог на претседателот, а тоа ќе бидат првиот министер за одбрана во независна Македoнија, Трајан Гоцевски, професорот на УЈИЕ, Ветон Љатифи, како и професорот од Правниот факултет при УКИМ, Ненад Марковиќ.

– Тоа мое решение ќе предизвика најмногу контроверзи евентуално и кај партиите кои ме поддржуваат, не затоа што е член на некоја партија, туку затоа што Ненад Марковиќ е човекот кој во два наврати јавно го поддржа Ѓорѓе Иванов, вклучително и во 2014 година кога јас му бев противкандидат. Мене ми беше важно тоа што, иако го поддржа Иванов наспроти мене, никогаш, ниту во 2014 година, не ги поддржуваше неговите политики – вели шефот на државата.

Пендаровски, кој за време на кампањата покажуваше резерви кон некои решенија во законите од безбедносната сфера, рече дека го потпишал указот за прогласување на Законот за координација на безбедносно-разузнувачката заедница (со кој се предвидува формирање Совет за координација со кој ќе претседава премиерот) поради дополнување направено во последен момент.

– Првата надлежност на Советот за координација во кој координира и е главен премиерот, е да ги имплементира препораките од Советот за безбедност што е кај претседателот на државата. Тоа не беше во сите верзии до крајот на кампањата. Да не ми се налутат луѓето од владејачките партии, но знаете ли на чие инсистирање е внесена таа одредба, сосема на крајот на завршните сесии на таа експертска комисија? На предлог на претставник на ВМРО-ДПМНЕ. Им благодарам за тоа. Да не го именувам, пратеник е, кој има искуство во таа сфера. Рекол ова оди во таа насока, треба да имаме баланс“ – изјави Пендаровски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот