Пендаровски ги прими акредитивните писма на новоименуваната амбасадорка на САД, Кејт Мери Брнс (ФОТО)
Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваната амбасадорка на Соединетите Американски Држави во Република Северна Македонија, Кејт Мери Брнс.
По церемонијата на предавање на акредитивните писма, претседателот Пендаровски и амбасадорката Брнс изјавија:
-Ви посакам искрено добредојде во нашата земја, како новоименуван амбасадор на Соединетите Американски Држави во Македонија. Ви посакувам успешно водење на оваа одговорна и ценета мисија.Ја користам оваа пригода да изразам задоволство од Вашето именување, како особено добар познавач на Регионот и на нашата земја. Вашето именување за Амбасадор на САД во Македонија претставува уште една потврда на одличните политички односи и плодната соработка меѓу двете пријателски држави.Дипломатските односи меѓу нашите две земји успешно се развиваат повеќе од две децении, порача претседателот Пендаровски.
Амбасадорката Брнс порача дека со нетрпение очекува, до крајот на годината, да и посака добредојде на Северна Македонија како 30-та членка на НАТО алијансата.
-Претседателе Пендаровски, ми претставува задоволство да се запознаеме и да ви ги предадам моите акредитивни писма. Ви благодарам што сте домаќин на оваа свеченост. Чест ми е што го претставувам претседателот Трамп и американскиот народ како амбасадор на Соединетите Држави во Република С. Македонија.Ми претставува особено задоволство да го започнам мојот мандат во овој клучен период за односите помеѓу нашите две земји. Со нетрпение очекуваме, до крајот на годината, да и посакаме добредојде на Македонија како 30-та членка на НАТО алијансата. Како сојузници, нашите односи ќе стануваат посилни, поврзани преку нашата заедничка заложба за мир, безбедност и просперитет во регионот и пошироко, изјави американската амбасадорка Брнс.