Пендаровски: Бугарија нема намера да не блокира во преговорите со ЕУ

Фото: EPA-EFE/VASSIL DONEV

Негова проценка, од своите контакти и информации, е дека Бугарија ќе се бори за нивната рамковна позиција, но не верува дека ќе излезе со отворена блокада.

Теоретски сè е можно, но јас се надевам и врз основа на она што го знам од размислувањето на претседателот, премиерот и министерката за надворешни работи на Бугарија тие немаат намера да не блокираат во преговорите со ЕУ, изјави претседателот Стево Пендаровски.

Негова проценка, од своите контакти и информации, е дека Бугарија ќе се бори за нивната рамковна позиција, но не верува дека ќе излезе со отворена блокада.

– Ако има отворена блокада меѓу нас ќе се вклучи и трета страна, па ќе проба да биде и медијатор. Тоа ќе мора да се разреши, може да го тегнете, но на крајот на денот мора да се реши, изјави Пендаровски, во интервју на Телевизија 24.

Во однос на Договорот за добрососедство, шефот на државата рече дека кај нас има барем еден милион различни толкувања и уште еден мал милион во Бугарија.

– На страна изјавите на некои бугарски политичари, во сите нивни изјави во кои на моменти имаат и радикални ставови кон нас, никој не ја спори сегашноста. Ниту јазикот, ниту нацијата, ниту етничката припадност. Сите од бугарска страна велат, дајте да видиме сега во историјата како било. Мислам дека тоа може да биде појдовна основа, изјави Пендаровски.

Објективно, нагласи тој, некои од делови од бугарската декларација задираат во некои работи во кои не смее да се задира.

– Кога велев „ако ова е предуслов да влеземе во ЕУ, да не бидеме Македонци кои зборуваат македонски јазик, тогаш зошто таква ЕУ”, тоа не е дека ние се откажуваме од ЕУ. Ова е едноставно црвената линија која ние мора да ја имаме. Ние мора да направиме и сигурен сум дека по изборите ќе направиме државен консензус. Сите мислат исто на оваа точка, изјави Пендаровски.

Според него, ние имавме државна позиција и во преговорите со Грција, а тоа е апсолутен консензус дека ние сме Македонци кои зборуваат македонски јазик.

– Јазикот е столбот на нашиот идентитет. Ако вие го именувате како официјален јазик на не знам која таму држава, не е доволно. Ние имаме кодификација на јазикот во 1946, а во 1977 година и негово прво меѓународно излегување со која и во системот на ОН и другите меѓународни организации е ставено дека македонскиот јазик е неспорно посебен јазик со сопствени специфики и е дел од јужно-словенска група на јазици, изјави Пендаровски.

Доколку имаме целосен државен консензус по ова прашање, според Пендаровски, ние ќе бидеме многу појаки во преговорите.

Проблемот, посочи тој, е што одредени периоди од работата на таа заедничка комисија почнаа да се водат повеќе политички дебати, отколку дебати на историчари, и се пласираа чисто политички ставови.

– Бугарската страна, освен другите приговори, вели дека година дена комисијата не работи на барање на македонската страна. Тоа не е точно, тие престанале со работа бидејќи влеговме во предизборен период, за да не се политизира прашањето. Одам надвор од тоа и ќе ја повикам нашата комисијата уште од утре да закажат средба со бугарските историчари. Разговарајте, зошто да биде аргумент контра нас дека не сакаме десет месеци да соработуваме, нагласи Пендаровски.

Комисиите, според Пендаровски, треба да си работат континуирано.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот