Пендаровски: Благодарение на фестивалот „Браќа Манаки“, Битола и нашата држава се препознаени во светот на седмата уметност (ФОТО)

Фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки” се одржува и годинава во скратена во изменета форма.

Претседателот Стево Пендаровски вечерва, во Пациото на НУ Завод и музеј Битола, присуствуваше и се обрати на 41. Издание на фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки”.

Продолжувајќи го традиционалното покровителство на оваа значајна манифестација, претседателот Пендаровски истакна дека е добро што и покрај пандемијата на КОВИД19, „Браќа Манаки” се одржува и годинава во скратена во изменета форма.

-Дозволете да ве поздравам како покровител на првиот и меѓу стотиците филмски фестивали, еден од само неколкуте во светот, кои се фокусирани на кинематограферите, фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки”. Станува збор за еден од најзначајните културни настани во нашата земја, настан во кој е вткаена богата историја, многу ентузијазам и љубов кон филмската уметност. Благодарение на овој фестивал, Битола и нашата држава се препознаени во светот на седмата уметност- рече Пендаровски.

Фото: Кабинет на Претседателот Пендаровски

-За жал, годинава го нема црвениот тепих и препознатливиот гламур пред Центарот за култура во Битола, ги нема филмските проекции и полната киносала, ги нема драгите  гости од светот на филмот. Пандемијата со Ковид-19 ги промени сите планови и предвидената програма за 41. издание на „Браќа Манаки”. Сепак, традицијата продолжува, и во скратена и во изменета форма фестивалот  и понатаму живее. Годинава го имаме доделувањето на наградата „Златна камера 300″ за животно дело или животен опус, чиј лауреат оваа година е полско-американскиот кинематографер Јануш Зигмунд Камински. Исто така ќе биде доделена и наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм”, а добитник е режисерот и сценарист Столе Попов– рече Пендаровски.

Фото: Кабинет на Претседателот Пендаровски

-Сакам да им честитам на добитниците и да им посакам уште многу филмски проекти. Во оваа прилика би сакал да го изразам своето уверување дека сите помагачи на фестивалот, централната и локалната власт, бизнис-заедницата, филмските работници, се и ќе продолжат да бидат и понатаму со фестивалот. Деновите поминати во карантин, во изолација, во нашите домови за време на полициските часови нè потсетија колку значајно место во нашите животи имаат подвижните слики. Тие беа една од основните преокупации и можност за квалитетно поминување на нашето време. Дали пред телевизиските екрани или пред компјутерите, филмовите даваа ведрина и смисла на нашето потполно изменето секојдневие- истакна Пендаровски.

Фото: Кабинет на Претседателот Пендаровски

-Токму деновите на пандемијата ни покажаа колку е важна уметноста и, особено, која е моќта и улогата на филмот. Се разбира дека искуството на гледање филм на големото филмско платно е незаменливо и верувам дека со нормализирањето на состојбата, повторно, со зголемен ентузијазам и со љубопитност ќе се вратиме во кино салите. Ви посакувам добро здравје и бериќетна работа и да се видиме догодина во нормални околности на 42. издание на „Браќа Манаки”- истакна претседателот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот