Пелоси: Кина преку „Хуавеи“ се обидува да ја извезе својата дигитална автократија

„Кина се обидува да ја извезе својата дигитална автократија преку својот телекомуникациски гигант „Хуавеи“, истакна Пелоси во своето обраќање на Минхенската безбедносна конференција.

Претседателката на Претставничкиот дом при американскиот Конгрес, Ненси Пелоси апелираше денеска на претставниците од земјите учеснички на безбедносната конференција во Минхен да го избегнуваат кинескиот технолошки гигант „Хуавеи“ додека градат мобилни мрежи од нова генерација.

– Кина се обидува да ја извезе својата дигитална автократија преку својот телекомуникациски гигант „Хуавеи“ – истакна Пелоси во своето обраќање на Минхенската безбедносна конференција.

Според неа, нациите не можат да и ја отстапат својата телекомуникациска инфраструктура на Кина поради финансиска корист.

Таа смета дека таквите непромислени отстапки само ќе го охрабрат кинескиот претседател Си Џинпинг, кој, според неа, ги поткопува демократските вредности, човековите права, економската независност и националната безбедност.

– Кинеската доминација на 5Г би значело дека изборот е автократија, а не демократија – нагласи Пелоси, додавајќи дека наместо тоа, мора да се премине на интернационализација.

Во меѓувреме, „Хуавеи“ ги обвини САД за „политички прогон“ поради новите обвиненија од страна на американското Министерство за правда.

Кинескиот технолошки гигант доби нови кривични пријави од страна на САД дека наводно од 2000 година досега се обидува да украде трговски тајни од американски компании.

Во соопштението на „Хуавеи“ се наведува дека „обвиненијата не откриле ништо ново, а Министерството за правда на САД повторно разгледува веќе завршени граѓански дела како кривични“.

Портпаролот на кинеското МНР, Генг Шуанг го повика денеска Вашингтон итно да прекине со неоправданиот притисок врз кинеската компанија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот