Пеколот, тоа сме ние

Тешко е да се процени кога човек побрзо ја губи надежта во државата, дали кога надлежните не прават ништо или кога ќе решат да прават што било. Да имаше телефон, ќе пријавевме дека во критична состојба е довербата – и во луѓето и во институциите.

Ништо не се случи во врска со емотивната „заложба“ на вицепремиерот надлежен за европски прашања Никола Димитров: „Во државава треба да се забрани фразата: не сме надлежни“. Ова го кажа „фрапиран од ноншалантноста“ на институциите, кои се прогласиле за ненадлежни да помогнат во спасувањето на овчарот од планинското село Емирица, кого лекар и роднини морале да го носат на раце до болницата, каде што почина. Директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов – кој рече дека ако бил известен за случајот, ќе побарал хеликоптер – најави дека за околу три месеци ќе биде во функција единствен телефон за помош, број 112.

Очигледно, никој не е надлежен, вклучувајќи го и Димитров, да ја забрани погубната фраза „не сме надлежни“. Нема ни да има. Не останува ништо друго освен да се фрапираме од ноншалантноста со која надлежните прават сè за да ја умрат надежта кај „обичните“ луѓе дека Македонија е на (пристапен) пат конечно да стане држава. Ако под држава се подразбира нешто организирано и цивилизирано, нешто во кое секој има и чувствува лична и правна сигурност, нешто во кое (и со кое) не владее поединец или група, туку закон пред кој сите се еднакви и сите се заштитени од државното самоволие, тогаш нашата сигурно не е. Додека сонуваме дека еден ден ќе имаме таква, вистинска држава, ние продолжуваме овој кошмар во кој се обидуваме да преживееме, прилично безнадежно, да го нарекуваме држава. Но, мора така – за вакви творби едно име имаме.

Бидејќи не сме држава, затоа претседателе Пендаровски не е „срамота“ што на едни им успеваат сите акции за спас на криминалци, наркобосови и други отпадници од законот, а на други им пропаѓаат сите покренати против криминалот. Дали станува збор за едни исти надлежни? Бидејќи не сме држава, затоа не е срамота надлежните да изведат сложена акција за да го спасат пастирот да не лежи затвор, да го носат илјада километри (веројатно му се извиниле што немал доволно комфор), а да не направат ништо за да го спасат овчарот, да го пренесат пет километри за да лежи, болен, во штипската болница. Бидејќи не сме држава, не е срамота политиката да стане продолжение на криминалот со други средства, а другарите од хеликоптерот да нè убедуваат дека сите сме во ист чамец.

Спрема тоа колку се одговорни надлежните институции, коректно би било на влезот во секоја од нив да стои натпис: „Сите вие кои влегувате, оставете ја секоја надеж“? Добро, да не претеруваме, сè уште не сме паднале на тоа дереџе. Мислам, да го читаме Данте (како да немаме друга работа). Има и други писатели, кои исто така не ги читаме. На пример, Борислав Пекиќ напиша дека единствените луѓе што се кадри да ја донесат надежта се само тие што се без надеж. Звучи оптимистички за нас како безнадежен случај. Ама, па, знаејќи колку сме способни, којзнае дали сме кадарни да направиме нешто сами. Нам секогаш други ни се виновни. Што би рекол Сартр – пеколот тоа се другите. Сепак, најутешително звучи сознанието на големиот светски „скитник“ (нема докази дека бил и во Дубаи) Тибор Дери: ако човек се најде себеси, може и во пеколот да се смее.

Но, не сме без теоретски, поточно телефонски шанси за спас. Одејќи по непристапниот пат по кој нè води надлежниот Димитров, може да се претпостави дека побрзо ќе влеземе во криза, отколку во ЕУ. Што правиме кога ќе почне да ни умира надежта дека и ние некогаш ќе имаме држава со европски вредности? Ќе свртиме број 112 и ќе побараме хеликоптер од Ангелов. Ако е надлежен, ако не – здравје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот