Пеколот одложен за еден месец

Бошко Јакшиќ. / Фото: МИА

Игра – додека едните стравуваа од упад на специјалните косовски единици Росу на северот, другите, малцинство, ја толкуваа ситуацијата како уште една игра што Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти ја користат за да се претстават како незаменливи заштитници на своите нации

Ако кој било се дрзне да ја нападне Србија, Србија ќе победи, патриотски ги бодреше Србите на Косово претседателот Александар Вучиќ додека во Белград се говореше дека Албанците подготвуваат „пекол“ како вовед во „периодот на најсложената ситуација, која се заканува да прерасне во криза со несогледливи последици и да се претвори во катаклизма“.

Хаубичната реторика на „пекол“ и „катаклизма“ повеќе ѝ прилега на ситуацијата ако во Белград располагаат со безбедносни податоци дека Албанците од Косово, со поддршка на НАТО од воздух, спремаат копнен десант врз териториите на кои живеат Срби, на кои им се заканува масовно протерување.

Низ Косовска Митровица ечеа сирените за тревога, Србите се упатија кон граничните премини, кои ги препречија со барикади, а се слушнаа и спорадични истрели. Тензијата во неделата беше на врвот. И додека едните стравуваа од упад на специјалните косовски единици Росу на северот, другите, малцинство, ја толкуваа ситуацијата како уште една игра што Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти ја користат за да се претстават како незаменливи заштитници на своите нации.

Таблички со „нуклеарно полнење“

Заплашувањето на српскиот народ, ширењето напнатост и колективен стрес е последица на одлуката на владата во Приштина од 1 август сите државјани на Србија што ќе влегуваат на територијата на Косово да добијат привремен влезно-излезен документ што би ги заменил личните документи од Србија – која 11 години ја применува истата практика на граѓаните на Косово.

Решено е, исто така, дека на Косово повеќе нема да се толерираат автомобили со таблички што се издадени во градовите на територијата на Србија. Таквите таблички ќе се симнуваат и ќе се заменуваат со ознаките РКС – Република Косово. Еден српски функционер 15 минути говореше на телевизија за налепниците како да се работи за 10.000 таблички со нуклеарно полнење.

Што е спорно во врска со документите и табличките? Белград, има веќе години, ѝ предаде на Приштина атрибути на државност: војска, полиција, судство, територијална одбрана. Сега се проблем налепниците и личните карти. Кого вие тоа мавтате? Поради што подметнувате нагазна мина, која плански ќе биде детонирана за да може Великиот спасител – новиот татко на српската нација – да тврди дека Курти никогаш нема да победи и дека тој го обезбедува мирот.

Тензијата беше реална и, како и секогаш во такви околности, можеше лесно да излета од контрола. Претставниците на Српската листа – односно косовската филијала на Српската напредна партија, која во Приштина го поддржува Курти, а со ширење страв и уцени ја држи целата власт на северот – подготвуваа мобилизација. Потпретседателот на Листата, Милан Радоичиќ, кој се поврзува со убиството на косовскиот либерален политичар Оливер Ивановиќ, неодамна илегално се врати на Косово и се огласи со пораката: „Вистинскиот терор над нашиот српски народ само што почнува. На мојот народ на северот, а и на сите Срби, само да им кажам, и на оние другите, тука сум, се вратив, а вие знаете што значи тоа, зашто од тука нема назад. Да живее Србија!“. Се чекаше само Радоичиќ да скокне од илегалата и да ги поведе бунтовните и професионални Срби на востание против табличките.

Армагедон и „мала Русија“

Функционерите од Европската Унија во неделата цел ден беа во контакти со Белград и со Приштина, но напнатата ситуација ја пресече американскиот амбасадор на Косово, кој во неделата доцна навечер од Курти побара стапувањето во сила на одлуките за издавање влезно-излезни документи за државјаните на Србија и за промени на српските регистерски ознаки да ја одложи за еден месец.

Курти одлагањето го услови со отстранување на барикадите на северот, што беше и остварено во следниот ден. Ги играат Вучиќ и Курти улогите што им се доделени и, освен по некоја телевизиска драматургија, не делуваат особено загрижени за тоа што луѓето се помасовно ги напуштаат и Косово и Србија. Првиот шири страв од армагедон на косовските Срби, другиот говори дека Русија во дослух со „малата Русија“ во Белград се спрема сериозно да го дестабилизира Западниот Балкан.

И едниот и другиот говорат без аргументи, но врз основа на внимателно подготвени планови, што им овозможува да се претстават како вистински лидери на своите нации за чија безбедност се грижат. Познатата тактика на потпалувачки национализам во овој регион и понатаму успева. Табличките се добредојдени за да го пренасочат вниманието од економската криза што надвиснува.

Каде се границите?

Проѕирниот, но опасен маркетинг, им чини најголема штета на Србите на Косово, на истите тие што власта во Белград постојано ги потпалува, не дозволувајќи им слободен избор како сакаат нормално да живеат. Нешто помала штета ѝ се нанесува на целата земја, која тврдоглаво се зачаурува во колосалната заблуда дека „Косово е Србија“.

Кога српските политичари од власта, но и многумина од оние од опозицијата, кои се водени од изборните калкулации, веќе еднаш ќе одговорат на прашањето: Каков е тој дел од државата Србија на кој претседателот и камарила други функционери не можат да стапнат со нога? Каде се границите на таканаречената Србија, а каде на таканареченото Косово?
Наместо да инсистира на безбедна автономија на Србите од северот, ако треба да се закани и со напуштање на преговорите ако не биде реализиран договорот за Заедницата на српски општини, безидејниот Белград сака да ја сочува хаотичната состојба, да ги спречи косовските власти да воведат малку ред.

Зошто да не се дозволи Косово да го заокружи системот на нормалност – од наплатата на струјата до регистарските таблички – а потоа да се види како ќе се реши проблемот со статусот? Зарем не е подобро на границата – административниот премин – да има уреден систем, а не криминализирана земја по која царува мафијашкото братство и единство? Зошто на тие Срби не им се обезбеди правото на слободен избор, па нека решаваат самите за својата судбина?

Постојат само губитници

Има премногу политичари во Белград и на северот на Косово на кои им одговара хаосот како лукративен инструмент на контрола на тековите на парите, кои немилосрдно се фрлаат во поткупените „институции“ на Србите од Косовска Митровица.

Ни Курти не помина подобро. Неговите нагли одлуки, донесени без претходни консултации, не само што му го соборуваат рејтингот што и онака паѓа, туку и му овозможија на Вучиќ уште еднаш да го надене лавровиот венец на спасител од уривачките сили на темнината.

Победник тука нема. Постојат само губитници – граѓаните на Косово. И Албанци и Срби.

Се покажа уште еднаш дека кога нема дијалог тогаш царува тензијата. Имајќи предвид дека новиот дуел е закажан за 1 септември, шефот на европската дипломатија Жозеп Борел ги повика Вучиќ и Курти да дојдат во Брисел и да го продолжат дијалогот за сите отворени прашања. Дали повикот наиде на позитивен одговор од српскиот претседател и од косовскиот премиер, во моментот на пишување на овој текст не беше познато.

Видео на денот