Пеколни автобуси

Отвори го пенџерчето, се задушивме ќе поцркаме!

Насловот на оваа постара шеговита песна сосема одговара на она што деновиве, кога во Скопје е жешко како под вршник, се случува во дел од скопските автобуси. Во оние каде што нема клима (а ги има многу), тешко се преживува на плус 40 степени под сенка и уште 20 згора на тоа внатре во вжештените возила, кои во овој наш град се сметаат за јавен градски превоз. Ако на тоа се додаде и фактот дека голем дел од улиците во градот се реконструираат и се тешко проодни, тогаш јасно е дека патувањето со автобус во Скопје е пеколно искуство, но и опасно, сериозно опасно за здравјето на оние што немаат друг избор освен да се возат во автобус.

Од Град Скопје велат дека според прописите, автобусите мора да се проветруваат и температурата во нив МОРА да биде помеѓу 10 и 25 степени, во спротивно превозниците ќе бидат казнети од овластените градски инспектори за патен сообраќај. Оттаму уште тврдат дека инспекторите се на терен и ги контролираат автобусите и дека дополнително ќе ги засилат контролите.

Ајде де, имало инспектори? Ги видел ли некој во автобус или жешко им е? Кој било патник или шофер? Кога? Каде? Се качил ли некогаш Шилегов или некој од неговиот кабинет да се провози во некој од автобусите кога луѓето се враќаат од работа? Еве во „22-ка“, на пример! Можеби тогаш ќе разбере зошто се жалат луѓето по социјалните мрежи, можеби ќе сфати какви се тие нечовечки, бедни услови во некои автобуси, каде неговите сограѓани, папсани, препотени и пред онесвестување се превезуваат со подотворени пенџерчиња, обидувајќи се да вдишат воздух како риби на суво.

Како градоначалник на Скопје, тој мора да го знае тоа! И мора да преземе нешто додека не е доцна и додека не се случила некоја трагедија во автобусите. Кој ќе одговара тогаш?

Работата е едноставна. Доколку навистина постојат фантомските инспектори што ги спомнува градската власт, тогаш нека им забрани движење на сите автобуси (и приватни и на ЈСП) кои немаат клима и соодветни услови за превоз на патници. Па кога ќе си стават, нека повелат на улиците повторно.

Граѓаните такво решение заслужуваат!

Најавата дека наредната година ќе започне да се изготвува нов јавен оглас за доделување линии и дозволи за вршење линиски превоз на патници во Скопје, во кој ќе бидат предвидени строги критериуми и стандарди што ќе треба да ги исполнат автобусите за да можат да бидат вклучени во јавниот превоз – во моментов е слаба утеха за скопјани. Потсетува на онаа народната: Не умри магаре до зелена трева!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот