Пекинг и Пјонгјанг го разнишаа пацифичкиот дух на Токио

Над Јапонија се надвива нова нуклеарна закана - Фотографија ЕПА, Кимимаса Мајама

Агресивната реторика на Кремљ, воениот подем на Кина и честите проектилски провокации од Северна Кореја повторно ги разбрануваа „духот на нуклеарното оружје“, но и пацифичката стратегија на Јапонија, која индиректно придонесе за нејзиниот технолошки и економски развој

Сѐ поагресивните закани од соседите ја притискаат Јапонија да се откаже од својот пацифизам, кој под притисок од атомските бомби ѝ беше наметнат во Уставот по капитулацијата на Империјата, но беше прифатен, одомаќен и прерасна во национална идеологија.

Јапонскиот премиер Фумио Кишида имаше силен мотив за да го организира самитот на Г-7 во својата изборна единица Хирошима – за да ги потсети лидерите на седумте најразвиени земји, но и целата светска јавност на уништувачката моќ на атомското оружје. Како и секоја друга церемонија во Хирошима по Втората светска војна, и самитот почна со положување цвеќе во чест и спомен на 140.000 луѓе што беа збришани од експлозијата на атомската бомба утрото на 6 август 1945 година. Венец бели цвеќиња положи и Џо Бајден, претседателот на земјата чиј бомбардер го фрли „Малото момче“ врз Хирошима. Лидерите засадија црешово дрвце и разговараа со луѓе што го преживеале најубиствениот напад во историјата.

Од церемонија до церемонија во Хирошима има сѐ помалку хибакуши – луѓе што лично ги претрпеле траумите од нападот и пред младите генерации Јапонци или истакнатите странски гости во прво лице сведочат за ужасите на атомското оружје. Тие веќе се сомневаат дали по нивното исчезнување ќе се избрише и пораката што ја шират.

– Останавме едвај неколкумина што сме ја почувствувале војната и атомската бомба. Умираме. Порано или подоцна, нема да остане ниту еден хибакуша. Како Јапонија ќе се промени по нас? – забележува Тошијуки Мимаки, старец што имал само три години кога бомбата ја уништила неговата Хирошима.

Заканите денес доаѓаат од спротивната страна. Агресивната реторика на Кремљ, воениот подем на Кина и честите проектилски провокации од Северна Кореја повторно ги разбрануваа „духот на нуклеарното оружје“, но и пацифичката стратегија на Јапонија, која индиректно придонесе за нејзиниот технолошки и економски развој.

Кишида денес е во незгодна позиција да балансира помеѓу волјата на мнозинството Јапонци да промовира свет без нуклеарно оружје, додека во исто време настојува да ги смири оние што се сериозно загрижени дека повторно може да бидат цел на агресија од своите соседи со нуклеарен арсенал. Лидерите на шесте други најмоќни демократии во светот ја „прочитаа“ таа загриженост и во еден глас ги посочија режимите во Москва и во Пекинг за најголем предизвик на денешнината.

Изнајмена одбрана

Пацифизмот е основата на политиката на Кишида. Уште како момче од својата баба од Хирошима слушал за ужасите од 1945 година.

– Нејзините приказни оставиле неизбришлив траг кај него и го инспирирале да го посвети својот живот на борба за свет без нуклеарно оружје – вели секретарот на премиерскиот кабинет Норијуки Шиката.

Но, ниту еден јапонски премиер по војната не бил толку притиснат од нуклеарни закани како заколнатиот пацифист Кишида. Проповедајќи свет без атомско оружје, тој тивко прави напори и за експанзија на одбранбените капацитети на Јапонија, ограничени од пацифичкиот Устав составен во Вашингтон. По капитулацијата на Империјата, либералната демократија ѝ ја довери на Америка грижата за одбраната, која е потврдена со присуство на 50.000 војници со моќно оружје, главно во базата на јужниот остров Окинава. Но, тоа повеќе не е доволна гаранција во време кога речиси секој месец по некој севернокорејски проектил прелетува преку Јапонија, а кинески воени бродови провокативно патролираат низ спорните територијални води. Затоа Кишида реши да го удвои буџетот за одбрана во следните пет години и да ги засили воените капацитети на земјата. Во таа насока е и приближувањето кон историски традиционалниот соперник Јужна Кореја, со која Јапонија ги споделува новите закани. Кишида и јужнокорејскиот претседател Јун Сук Јеол заедно го посетија малиот меморијален центар во чест на Корејците што загинале при атомскиот напад врз Хирошима. Со таквиот симболичен гест, двајцата лидери изразија волја за подобрување на односите меѓу Токио и Сеул, кои со децении наназад беа оптоварени со историски спорови, особено за злосторствата на јапонските окупациски сили во Кореја во Втората светска војна. Во соработка со САД, двата поранешни непријатели сега се на фронтот против Северна Кореја и нејзиниот најсилен сојузник Кина.

– Самитот на Г-7 во Хирошима и средбите на Кишида со Јун и со Бајден беа можност на спротивставениот блок да му се демонстрира единството на демократиите што се присутни во регионот и нивната решеност да се спротивстават на заканувачките автократии – забележува Сунг-јун Ли, експерт за Источна Азија при Универзитетот Тафтс во Масачусетс.

Популарноста на Кишида е сведоштво дека пацифичкиот дух е сеприсутен во Јапонија. Но, наспроти антивоените демонстрации на Г-7, сѐ повеќе Јапонци од младите генерации соочени со заканите од 21 век, се спремни да се откажат од идеалите и да ја прифатат милитаризацијата како неизбежна.

Два моќни параграфи

Членот 9 од Уставот содржи две моќни декларации во првите два параграфи – Јапонија ги осудува војните и се обврзува дека никогаш нема да има воени сили. Низа премиери се обиделе барем да ги ублажат цврстите обврски од Членот 9. Никој досега не обезбедил доволно голема поддршка за да го стори тоа, но од време на време се менува толкувањето на параграфите. Во времето на Корејската војна беа формирани Самоодбранбените сили (СДФ), кои првпат беа ангажирани во конфликт речиси половина век подоцна – во Првата заливска војна. Поранешниот премиер Шинѕо Абе, кој важи за „највоинствениот“, издејствува да бидат донесени закони што отворија можности СДФ да дејствуваат „во самоодбрана“ заедно со сојузнички сили. Реформски настроената Либерално-демократска партија го поттикна планот на Кишида за двојно зголемување на буџетот за одбрана во период од пет години.

– Јапонците никогаш нема да го напуштат пацифизмот. Но, во исто време се развива интерпретацијата што, всушност, значи тоа. Порано се толкуваше дека пацифизмот е целосно откажување од користење оружени сили, а сега значи спротивставување кон агресија, што подразбира употреба на сила заради самоодбрана, во сѐ подолга листа можни ситуации – објаснува Џејмс Браун, професор по политички науки во Јапонија.

Со модерното толкување би се оправдало зајакнувањето на воените сили заради одбрана од Северна Кореја, чии проектили и нуклеарно оружје претставуваат егзистенцијална закана за Јапонија. Заканите од Пекинг не се толку директни, но се стравува дека при евентуална кинеско-тајванска војна мошне веројатно ќе биде вовлечена и Јапонија.

Анкетите потврдуваат дека Јапонците се спремни да се откажат од строгото толкување на пацифизмот. Дури 41,5 отсто од жителите би сакале земјата да има помоќни Самоодбранбени сили, 90 отсто се за цврст сојуз со САД, а 51 отсто се за бришење на членот 9.

– Либералдемократите секогаш биле за воено засилување, а сега веројатно првпат не се соочени со толку силен отпор од јавноста – вели професорот Браун.
Со Кишида како премиер, Јапонија купи нови борбени авиони, реновирани носачи на авиони и крстосувачки проектили „томахок“. Владата вложува 43 билиони јени (311 милијарди долари) за зајакнување на одбраната во период од пет години и во 2027 година за одбрана ќе бидат издвојувани по 2 отсто од бруто-националниот производ, исто колку и во членките на НАТО.

Границата што Јапонија сигурно нема да ја помине е нуклеарниот арсенал. Кишида лани категорично ја отфрли идејата од поранешниот премиер Абе Америка да распореди атомски бомби на островите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот