Пејачката Малинкова тврди: Ќе барам оштета, никогаш не сум донирала пари за политичка партија

Пејачката Ани Малинкова од Кавадарци, која подолго време живее во Скопје, денеска се појави во својство на сведок во постапката на случајот „Титаник“. Пред нејзиното влегување во судница, настана мал „проблем“ помеѓу судечкиот судија Осман Шабани и обвинителката Лиле Стефанова. Судијата тврдеше дека судот не доставил покана за Малинкова, туку за друга личност. Откако судијата и обвинителот се согласија во судница да биде повикан сведокот, токму Малинкова ја разјасни мистеријата. Таа рече дека после разводот си го вратила моминското презиме и дека поканата во својство на сведок била лично за неа.

На прашање на јавната обвинителка Стефанова „дали знае како се финансираат политичките партии“ пејачката изјави:

– Јас сум пејач. Не знае како се финансираат политичките партии. Јас сум јавна личност. Не само во земјава, туку и во странство сум ја претставувала Македонија најдобро што сум можела.

На второто прашање на Стефанова, дали таа некогаш донирала пари за некоја политичка партија, сведокот изјави:

– Никогаш не сум донирала пари за политичка партија. Пред скоро три години добив покана од СЈО. Кога отидов таму луѓето ме примија и ми кажаа за што станува збор. Кога дознав се вознемирив. Имено, дознав дека има некои уплатници на мое име. Се додека не бев повикана во СЈО не знаев дека има некаква уплатница од 60.000 денари која гласи на мое име. На уплатницата пишуваше уплата за ВМРО-ДПМНЕ. За ова ќе барам оштета – рече Малинкова.

Пред Малинкова сведочеше Снежана Ивановска од Скопје, вработена во детска градинка. Таа пак изјави дека сакала да донира во животот за хуманитарни цели. Истакна дека реализирала неколку уплати за политичка партија. Притоа истакна дека никогаш не ангажирала друго лице да донира пари за политичка партија во нејзино име.

– Моето одење во СЈО беше од поодамна. Не се сеќавам што се тогаш сум изјавила, а најмалку што сакам сега е да дадам неточна изјава – изјави сведокот.

На прашање на јавната обвинителка Лиле Стефанова дали некогаш има донирано 60.000 денари за политичка партија, сведокот рече:

– Се сеќавам дека имам донирано пари, но за сумите сега не се сеќавам.

Пекарот Сашо Богдановски, во својот исказ призна дека не знае како се врши донација за политичка партија и дека тој никогаш во животот нема донирано пари за некој политички субјект.

Сведокот рече дека за негова наводна донација за партијата ВМРО-ДПМНЕ дознал кога бил повикан во обвинителство кога му била покажана уплатница која била на негово име.

Јордан Паунов од Неготино, вработен во Агенцијата за катастар, пак истакна дека редовно плаќал членарина за партијата односно еден процент од месечното примање.

– Неколку пати ние раководителите дониравме по половина од платата, а тие што беа советници во Советот на Неготино донираа по половина од хонорарот. Парите ги уплаќавме на сметката на партијата. Не се сеќавам точно, но од прилика јас сум донирал околу 15.000 денари и околу 7.000 денари, половина од хонорарот. Јас никогаш не сум дал пари некој друг да уплати во мое име. Јас и мојата сопруга немаме уплатено по 60.000 денари за партијата. Тоа не се случило ниту сме биле во можност тоа да го сториме – рече сведокот Паунов.

Кавадарчанецот Влатко Јовановски, вработен во приватна фирма, пред судот нагласи дека не му е познато како се донира за политичка партија.

– За наводната моја донација за политичка партија дознав кога бев повикан во обвинителството – рече сведокот Јовановски.

Петре Манчев од Неготино, вработен во винарија, на прашање на јавниот обвинител дали е запознаен како се донира за политичка партија, рече:

– Не. Само сум плаќал чланарина во партијата. Колку се сеќавам уплатите ги вршев во банка или во пошта. Од сеќавање, сум уплаќал од 10.000 до 15.000 денари. Никогаш не сум му дал на друг да уплати пари во мое име или дел од хонорар бидејќи сум бил и советник во Советот на Неготино – нагласи Манчев. Тој рече дека како член на ВМРО-ДПМНЕ има донирано пари во општинскиот штаб во Неготино.

Кумановецот Мартин Петковски вработен во МВР, пак истакна дека долг временски период не е активен во политиката и не може да се сети дали некогаш донирал за политичка партија.

Сведокот рече дека имал контакт со Гордана Јанкулоска и со други лица кои доаѓале во Куманово во време на политичка кампања.

Скопјанецот Далибор Мерџанов рече дека имал донирано пари, но и членови на неговото семејство донирале пари за партијата ВМРО-ДПМНЕ.

– Парите сме ги донирале преку уплатница. Имам уплатено 30.000 денари, но и помали суми – истакна сведокот.

Во случајот „Титаник“, за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања обвинети се Никола Груевски, Гордана Јанкулоска, Мартин Протуѓер, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Билјана Бришкоска-Бошковски, Илија Димовски, Мунир Пепиќ и други.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот