Педесетина компании ќе добијат 53,4 милиони евра

Нови 38 договори и 10 анекси на договори со вкупен инвестициски циклус од 53,4 милиони евра од кои 29,4 милиони евра се планирани инвестиции по новите 38 договори во текот на минатата недела се потпишани со компании во согласност со Законот за финансиска поддршка на инвестициите, со кои се уредуваат видовите, висината, условите, начинот и постапката за доделување на финансиската поддршка на инвестициите, најави вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

Осум од компаниите или 21 отсто се од Скопје и од општините што гравитираат кон главниот град, а другите се од: Битола, Кочани, Струмица, Прилеп, Тетово, Гостивар, Велес, Куманово, Охрид, Струга, Штип, Боговиње, Виница, Делчево, Кавадарци и Неготино. Најголем дел од нив 53 отсто или 20 компании се мали  фирми до 50 вработени, по што следуваат средните компании со 26 отсто, 13 отсто се микрокомпании, а најмалку – осум отсто се големи компании.

– Рамномерната регионална распределба на компаниите и структурата по големина покажуваат дека Законот за финансиска поддршка на инвестициите дава еднаква можност за сите компании во земјата. Ова се инвестиции што компаниите ги прават во време на светска криза предизвикана од ковид-19. Ги поздравувам одлуките на овие 48 компании, кои решија да реализираат нови инвестиции, со што ќе продолжи трендот на нивен раст, ќе се отворат нови работни места и ќе се зголеми конкурентноста на компаниите на домашниот, но уште поважно и на меѓународните пазари – рече Битиќи.

Вицепремиерот потенцира дека следува постапката за поднесување барање за исплата на финансиска поддршка за компаниите што сега потпишаа договори, но и за оние од претходните години кои имаат повеќегодишни инвестициски деловни планови и посочи дека ќе биде исплатена до крајот на годината.

Тој истакна дека од 2018 година досега се потпишани 245 договори со компании според Законот за финансиска поддршка на инвестициите и рече дека во 2019 година веќе се реализирани 17,5 милиони евра од вкупниот инвестициски циклус.

– Инвестициите направени во 2019 година донесоа нови 146 работни места во овие 38 компании, кои оваа година потпишуваат нови договори, а планирано е овие компании со своите бизнис-планови да вработат 498 лица – рече Битиќи.

Министерот за економија Крешник Бектеши информира дека е при крај евалуацијата  на сите апликации за финансиска поддршка на инвестициите.

– Наредната недела, комисијата која е во склоп на Министерството за економија ќе достави извештај до Владата, по што ќе продолжиме со потпишување и нови договори за инвестиции што ќе надминат 100 милиони евра во текот на 2020 и во текот на 2021 година. Веќе трета година според Законот за финансиска поддршка на инвестициите сите домашни компании навремено знаат колку државата ќе ги помогне и на тој начин се поттикнуваат дополнително за да направат нови инвестиции – рече Бектеши.

Бектеши потенцира дека за следната година одлучиле да бидат издвоени дополнителни 20 милиони евра за компаниите кои ќе имаат храброст да инвестираат во тек на ковид-криза и додаде дека до крајот на годинава ќе бидат исплатени сите средства што се предвидени и со ребалансот на Буџетот.

Битиќи: Доколку е потребно и во 2021 година ќе продолжи финансиската поддршка за исплата на платите

Финансиската поддршка за исплата на платите во стопанството заради проблемите предизвикани од корона-кризата ќе продолжи и во 2021 година доколку е потребно, потврди вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи. Тој нагласи дека будно се следи ситуацијата и оти се во секојдневна комуникација со стопанските комори.

-Ние веќе го подготвуваме Буџетот за 2021 година и соодветно ќе испланираме одредени финансиски средства за тоа, зашто е очигледно дека економско здравствената криза нема да заврши на 31 декември – потенцира Битиќи.

Доколку продолжи ковид-кризата, можен е и петти економски пакет

Владата размислува за донесување нов, петти пакет економски мерки, доколку продолжи кризата предизвикана со пандемијата, вели вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи. Според него, во фокусот се зачувувањето на работните места и ликвидноста на компаниите. Тој информира дека заради здравствената заштита, не се исклучува можноста за мерките за ограничување на работата на угостителските објекти, да им бидат изречени и на други економски оператори. Tој посочи дека во овој момент се фокусирани во спроведување на сите досегашни економски мерки и се прави проценка на ефектот за да се види што ќе има во следниот пакет.

– Колку и да треба пакети, ќе има, само полесно да го преминеме овој период – изјави Битиќи.

Бектеши: Угостителите се помогнати со сите сетови економски мерки

Угостителите се помогнати со сите сетови економски мерки, кои се усвоени од првиот до четвртиот. Во четвртиот сет економски мерки се вклучени за исплата на плати, а дополнително од први наредна година ќе има и намалување на ДДВ на угостителските објекти, изјави министерот за економија Крешник Бектеши.

Ако продолжи намалувањето на работното време на угостителските објекти, посочи Бектеши, од почетокот на наредната година, ако е потребно, ќе излеземе со дополнителни мерки.

– Почнувајќи од минимална плата и сега со последните измени, угостителските објекти кои ќе имаат поголемо намалување на приходите, ќе добиваат и минимална бруто-плата. Имавме и неколку мерки што се однесуваа само на угостителите и на хотелиерскиот сектор, какви што се бескаматните кредити за кои ќе имаме и нова објава – изјави Бектеши. На ноќните клубови ќе им се исплати целиот износ што го платиле за лиценци за 2020 година, а и тие ќе може да аплицираат за финансиска поддршка за исплата на минимална плата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот