ПЕЧАТ 2019: За Владата економска година, за опозицијата економска пропаст

Иако бројките покажуват извесно поместување, она што загрижува е предупредувањето на домашните економисти, но и на меѓународните монетарци, дека зголемувањето на просечната плата и на минималната плата со разни државни стимулации не одговара на продуктивноста и може да стане неодржливо.

Намалување на невработеноста до 17,1 отсто во третиот квартал од годинава, за кога постојат последни статистички податоци, за разлика од истиот период лани кога била 19,4 отсто, просечна нето плата од 25.726 денари исплатени во октомври, што е за 3,7 отсто повеќе од платата во октомври 2018 година, просечно исплатена пензија во ноември од 14.572 што е за 136 денари повеќе отколку во јануари годинава и зголемена минимална плата за 2.000 денари, се дел од статистичките податоци кои најмногу ги засегаат граѓаните во однос на тоа како се развиваше економијата во 2019 година.

Иако бројките покажуват извесно поместување, она што загрижува е предупредувањето на домашните економисти, но и на меѓународните монетарци, дека зголемувањето на просечната плата и на минималната плата со разни државни стимулации не одговара на продуктивноста и може да стане неодржливо.

Обиди за поголем исчекор надвор отколку дома

Но, бројките кажуват и дека глобално, во Македонија има раст на индустриското производство, кое во периодот јануари-октомври годинава, во однос на периодот лани, се зголемило за 5,4 проценти.

Сепак, стопанствениците имаат многу забелешки. Тие велат дека во изминатата година општата и економската стабилност беа поткопани од политичката поларизација, непочитување на владеењето на правото, што дополнително ја разниша довербата на компаниите и граѓаните.

Од Сојузот на стопански комори на Македонија, велат дека на почетокот на 2019 година доставиле седум приоритети од приватниот сектор за подобрување на деловното опкружување и постигнување економски раст, поддржано со 78 економски мерки.

– Во приоритетите на стопанството како клучни беа истакнати барањата да не се менуваат законите брзо и без активно учество на релевантните страни кои го застапуваат приватниот сектор, да се интензивира борбата со нерегистрираните бизниси односно со сивата економија, а како најважно беше истакнато да се демонстрира јасна волја за овозможување на владеење на правото и отстранување на сомнежите за коруптивно однесување – велат од Сојузот на стопански комори на Македонија во нивното резиме за 2019 година.

Претседателот на Стопанската комора на Македонија, односно на комората во која членуваат најголемите компании, Бранко Азевски, во интервју за МИА оцени дека изминатава, 2019, ќе биде забележана како година во која Владата се обидуваше да направи поголем исчекор надвор, отколку дома.

– Ако во една реченица треба да ја сублимирам годината, ќе кажам дека е една нормална година во која се решаваа крупни и тешки надворешно-политички прашања кои, ако се решат како што сме предвиделе, ќе овозможат развој на економијата во наредниот период. Можам да зборувам за добри статистички бројки, но во реалноста ситуацијата е по сложена – изјави Азески.

Клучни успеси и промашувања

Професорот Марјан Петрески за „Слободен печат“ го подели своето мислење за најголемите успеси и неуспеси на македонската економија во 2019 година.

– Секако, напредокот на патот на евро-атлантската интеграција беше значајна добра вест за економијата. Нам, како на мала држава, која всушност и нема изобилие на ресурси, неопходен ни е странскиот капитал и меѓународниот пазар, како и надворешна сила која ќе ни помогне во побрзото и поефикасно спроведување на структурните реформи – вели професорот.

Тој додава дека мешањето на државата во економијата се намали во одредена мера и тоа може да се смета за успех. Дополнително, се покажа волја за пошироки консултативни процеси во дизајнот и спроведувањето на добар дел (иако не целосно) од економските и социјалните политики, и тоа е добар чекор, кој треба да овозможи подобри исходи од тие политики.

– Фискалната консолидација која отпочна уште во 2017 година, продолжи и во 2019 година. Тоа овозможи јавниот долг да се стабилизира, а буџетскиот дефицит да се одржува на разумно ниво – рече Петрески.

Како неуспех во 2019 година, професорот Петрески го потенцира тоа дека владата не успеа да дефинира долгорочна економска визија, односно да даде одговор на прашањето кој е економскиот модел и каде ние како општество – главно мерено според нашиот животен стандард – ќе бидеме по 5, 10, 15 години од денес. И покрај тоа што во неколку наврати се ветуваше „економска година“, тоа не се случи.

– Порастот на просечната плата од 372 евра во мај 2017 на 418 евра денес е добар, но е недоволен во однос на она што Владата си го зацрта како цел. Притоа, анализите покажуваат дека овој раст на просечната плата, кој е малку побрз од периодот пред 2017, е главно воден од пониските плати, што е резултат на порастот на минималната плата – смета професорот.

Тој додава дека владата не успеа да направи стабилна рамка за извршување на капиталните инвестиции. Ова прашање се провлекува во последните 10-тина години и таму не е направен напредок, ниту е покажана некаква волја за реформирање на процесот на планирање на капиталните расходи.

За СДСМ одлична година, за ВМРО-ДПМНЕ економска пропаст

Економските политики на Владата на Република Северна Македонија продолжуваат да даваат резултати што се рефлектира со пораст на бруто домашниот производ од 3,6% и намалување на невработеноста во третиот квартал на 2019 година на рекордно ниски 17,1%.

Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека просечниот раст на БДП во изминатите три квартали во 2019 година е на ниво од 3,6%, што е во рамките на проекциите на Владата за годишниот раст на БДП. Растот на БДП во третиот квартал е поттикнат од растот на бруто инвестициите кои бележат раст од 14,9%.

– Преку зголемените плати, преку намалените трошоци, како и мерките за поврат на средства и преку помошта која ја обезбедивме за ранливите, невработеноста во третиот квартал е на историски најниско ниво. Само во овој период се отворени нови 5.263 работни места и во моментов државата има 799.546 вработени – истакна премиерот Зоран Заев.

Како еден од поголемите и позначајни проекти кои ги истакнува Владата е повратот на ДДВ, преку мобилната апликација „МојДДВ“ со скенирањето на фискалните сметки, како и со наградната игра која започна од 15 декември. Според Министерството за финансии овој проект е од големо значење поради тоа што државата на овој начин се бори со сивата економија.

– Граѓаните ќе имаат трикратна корист, покрај тоа што ќе имаат можност да добијат награда, тие ќе добијат поврат на ДДВ и секако ќе придонесат во борбата со „сивата економија“, а како што кажав, кога таа губи, тогаш добиваме сите – рече министерката Нина Ангеловска пред стартот на „МојДДВ#МојаНаграда“.

Од Комисијата за финансии на ВМРО-ДПМНЕ велат дека нема реализација на најавените капитални инвестиции од страна на Владата, како проектите со кои сите граѓани ќе добијат чиста питка вода, чист воздух за дишење, подобри стандарди и услови за живот, подобро градење и домување, нови модерни болници, безбедни патишта, нови мостови, железница и сигурен енергетски систем.

– Се најавуваше 2019 година како економска година, ама по се ќе испадне промашена и пропадната година за економијата и македонските граѓани. Премиерот сите нас не носи во дупка од која со тешки маки во иднина ќе треба да се вадиме. Нашите долгови секојдневно се зголемуваат на сметка на безобразното трошење на државните функционери, а ние трпиме и секој ден е полош од претходниот, се вели во соопштението на Комисијата.

Според нив, процентот на реализација на капиталните инвестиции за сите 11 месеци од 2019 година е 42,9% кога ќе споредиме со првичниот Буџет за 2019 година, или 49% кога ќе споредиме со ребалансот на Буџетот. ​

– Важни се јавните (капитални) инвестиции! Многу се важни за економскиот развој и целокупниот напредок на државата. Преку овие инвестиции се гради инфраструктурата на државата. Во овие моменти, Зоран Заев и функционерите на владејачките партии не работат за доброто на државата и не ја градат националната инфраструктура, тие единствено се заинтересирани за доброто на нивните приватни бизниси –  додаваат Комисијата за финансии на ВМРО-ДПМНЕ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот