„Pearl Jam“ директно во сржта: „Gigaton“ во вистинско време ни укажува на грешките со природата

„Gigaton“ е албум кој содржи 12 нумери, а бендот по седум години дискографска пауза го објави своето 11. студиско издание.

Ако целата ова ситуација со коронавирусот би требало да се претстави во само 12 дена проследени со музика, тогаш секој од нив ќе биде посебно одбележан преку стиховите и мелодиите на новиот албум на рок групата „Pearl Jam“ под наслов „Gigaton“.

Славните музичари на чело со оригиналниот фронтмен Еди Ведер направија еден социјално и еколошки ангажиран албум, кој е најголемо предупредување за големите грешки во чекорите кои ги направи модерното општество, објавен токму во време на светската пандемија од Ковид 19.

Музиката како чиста уметност секогаш е платформа за искажување на незадоволството од работите кои нè опкружуваат, а овојпат тоа им тргна од рака на „Pearl jam“, кои погодија директно во сржта и нѐ потсетија на сите грешки кои ги прави човекот со природата.

„Gigaton“ е албум кој содржи 12 нумери, а бендот по седум години дискографска пауза го објави своето 11. студиско издание.

Ова музичко остварување жестоко ја започнува својата приказна за петте основни елементи во животот. И токму низ секоја од песните го чувствуваме струењето на воздухот, ветерот и звуците на водата, како некој вид на предупредување кое ни го испраќа планетата Земја, како резултат на нашето неблагодарно однесување кон неа.

Преку ова издание Еди повторно се истакнува како автор кој знае да напише и доста моќни текстови, без разлика дали мотивот во нив е љубовта или нешто друго. Тоа најдобро го гледаме во песната „Dance of the clairvoyants“, како и преку за мене најдобрата нумера во албумот „Quick escape“, во која славниот пејач не заборави да го спомене и искритикува претседателот на САД, Доналд Трамп.

Токму „Quick escape“ како и песните „Never destination“ и „Take the long way“, се исполнети со гитарски делови кои ќе ве наежат, а кои го ставаат Мајк Мекриди на листата на најгенијалните гитаристи на светската рок сцена уште од почетокот на деведесеттите години од минатиот век па до денеска.

И ритам секцијата е неверојатно снимена и продуцирана, доволно силна, а истовремено и толку емотивна. Албумот е правен по еден класичен редослед, во кој имаме и брзи песни, но и балади, како што е „Comes then goes“, веројатно најдобрата од побавните нумери во „Gigaton“, каде повторно текстот е вистинско ремек дело.

Нумерата „7 O’clock“ исто така ни зборува за планетата Земја, предизвиците и стравот кој стои зад нив, но и за потенцијалната храброст, или како што вели Еди во „River cross“, некој вид на бесмртност.

Силни метафори стојат речиси зад сите негови зборови, а кои постепено ќе ги откривате со секое ново слушање на албумот.

Интересно е тоа што баладите се доста долги, поради што „Gigaton“ трае речиси еден час.

„Gigaton“ навистина е гигантски албум, веројатно едно од најдобрите рок изданија на годината, зад кое стојат моќни пораки и лекции за човештвото, од кои најпрво треба да видиме што сме погрешиле и да се обидиме да го спречиме она најлошото кое допрва претстои.

Ова дефинитивно е албум кој морате да го преслушате повеќе пати за да ги сфатите сите поенти, а исто така е и албум во кој „Pearl jam“ остануваат доследни на својот карактеристичен звук, па оние „постари рокери“ сигурно нема да бидат разочарани од новото парче музика.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот