Пази лав!

Анета Стојковска / Фото: Слободен печат

Зарем низ Зоолошката градина, каде што се згрижени и сериозно опасни животни, може кој како сака (и кога сака) да си влегува, непречено да си обива кафези, да си пушта животни на слобода и тоа отпосле да го „констатираат“ негувателите?

Што е ново во Скопје? Има, има, многу новитети. Пролетни работни акции за „генералка“ на општините, живеење во полутемница. Сè друго вообичаено (не)функционира. Во Карпош жителите се плашеа ноќе да излезат од дома за да не ги нападнат улични кучиња додека е изгаснато уличното осветлување. Сега, кога општинските улици се напола осветлени, стравуваат да не здогледаат од некоја страна лав. Слушнале – се правеле саботажи во Зоолошката градина за инает на успешното работење на директорот Кристијан Стаменов, се кршеле катанци и се обивале кафезите. А Зоолошката градина е блиску, Карпош 1 е прв на удар.

Шегата настрана. Ама навистина е чудна информацијата што ја пласира директорот на најпосетуваната институција во градов, скопската ЗОО, дека биле обиени неколку живеалишта, пресечени неколку катанци и животните  пуштени во кругот на градината. За среќа, на слобода се нашле некои тревопасни животинки, а не некој поопасен и покрупен дивеч. Стаменов се сомнева дека „сите овие обиди наликуваат на намерна саботажа на работата и на функционирањето на самата Зоолошка градина, па треба да се прашаме кому му пречи успешноста на Зоолошката градина“.

Дали станува збор за саботажа или за вандализам, дали некои вљубеници во животните сакале да ги ослободат од заробеништво или нешто друго е во прашање, тоа ќе си го истражува полицијата. Прашањето е следното – зарем низ Зоолошката градина, каде што се згрижени и сериозно опасни животни може кој како сака (и кога сака) да си влегува, непречено да си обива кафези,  да си пушта животни на слобода и тоа отпосле да го „констатираат“ негувателите? Има ли таму доволно чувари, камери, некое посериозно заклучување на живеалиштата освен катанци? Води ли некој грижа за безбедноста на посетителите или тие треба да бидат подготвени на средби од секаков вид?

Наместо Стаменов да алудира дека некој го саботира, треба да се позанимава со обезбедувањето во Зоолошката градина. Бидејќи самиот се пофали дека изминатиов викенд имале рекордна посетеност од 14.000 граѓани. Тоа е бројка што не е за потценување и која укажува дека градината мора да има систем за контрола и за обезбедување, кој ќе гарантира посетата на граѓаните на ЗОО да помине без лоши последици, но исто така и без загрозување на животните во неа. Не може за безбедноста на Зоолошката градина, која се протега на 12 хектари, да се грижат само осум чувари, кои притоа, ротираат во смени. Ниту да има „црни“ точки што не се покриени со камери. Недозволиво е!

За право, се покажа дека влезната врата на благајната е многу отпорна. Тој што се обидел да ја обие (оној со заматениот лик од видеото што беше пласирано до јавноста) и покрај намерата да дојде до парите од влезници од илјадниците посетители – не успеа. Јас не ги разбирам и ова арамииве. Ептен станале очајни! Кој, бре, чува толку пари во каса во благајна?

Во морето од лоши, средно лоши и грозни вести што нè „заплиснуваат“ постојано, прекрасно е кога ќе се слушне и нешто убаво. Средношколецот Никола Спировски го освои првиот златен медал за Македонија на 39. Балканска математичка олимпијада што се одржа во Аргос, Кипар. Покрај златниот, освоени се и два сребрени и еден бронзен медал и две пофалници, со што екипата средношколци го постигна најголемиот екипен успех на вакво натпреварување. Браво, деца, секоја чест, иако, за жал, вашиот успех не беше ударна вест во медиумите. А е една од најважните!

Деновиве заврши и Саемот на книга, една убава традиционална манифестација, која на едно место повторно ги собра сите вљубеници во пишаниот збор. Некои од издавачите се пожалија дека медиумите не покажале голем интерес за саемот. Искрено, тоа и не е толку битно. Тие треба да се радуваат сѐ додека се заинтересирани читателите. Дотогаш се на вистинскиот пат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот