Пазарџиите повторно протестираат, блокиран центарот на градот (ФОТО)

Фото: Слободен печат

Полицијата ги пренасочува возилата од пред крстосницата кај катната гаража „26 Јули”.

И ова утро центарот на градот повторно е блокиран поради протести на пазарџиите.

Моментално протестираат околу 30 пазарџии кај дирекцијата на Макпетрол, а сообраќајот е во колапс. Полицијата ги пренасочува возилата од пред крстосницата кај катната гаража „26 Јули”.

Од Јавното претпријатие „Паркинзи на Општина Центар” вчера со соопштение изразија жалење за незадоволството кое пазарџиите – сопственици на тезги на „Зелен Пазар” во Општина Центар, го манифестираат преку штрајк и апелираат до нив да ги прифатат новите мерки за решавање на проблемот со паркирањето на паркиралиштето „Аутомакедонија“ како единствено добро за сите засегнати страни, особено за жителите.

Според претпријатието, решението на проблемот треба да се бара во „Скопски Пазар” кој треба да обезбеди дел од својата парцела која ќе биде наменета за потребите на своите закупци на тезги, а не, како што велат, решението да се бара во злоупотреба на јавна површина со цел да се задоволат потребите на еден приватен бизнис.

Пазарџиите, пак, велат дека со зголемувањето на цената на паркингот им се нарушува и онака слабиот промет на пазарот, и бараат првиот час за паркирање да е бесплатен, а за секој нареден да важи старата цена.

Јавното претпријатие за јавни паркиралишта „Паркинзи на Општина Центар” минатата недела донесе одлука со која од осми овој месец цените за паркинг за еден час на комерцијалните паркиралишта со кои стопанисува се зголемија за 20 денари. Целта, како што појаснија, е да се намали бројот на паркирани возила во централното градско подрачје и да им овозможи на жителите похумани услови за живеење.

 

Видео на денот