Павличевиќ: Голема е мотивацијата и желбата кај одбојкарите за добар настап во Европската сребена лига

Одбојкарска та репрезентација на Македонија летово ја очекува настап во Европската сребрена лига и Медитеранските игри/ Фото: vfmkd.mk

Одбојкарската репрезентација на Македонија подготовките пред настапот во Европската сребрена лига ги одработува во Маврово под палката на новиот селектор Павличевиќ.

Селекторот на одбојкарската репрезентација на Македонија, Ратко Павличевиќ е задоволен од досегашниот тек на подготовките кои веќе две недели се одвиваат во Маврово пред настапот во Европската сребрена лига и Медитеранските игри како и на меѓународниот турнир Чајка.

По двонеделните подготовки, вчера и денеска во Маврово, одбојкарите ги имаат првите контролни натпревари против селекцијата на Албанија.

Павличевиќ на почетокот од месецов беше назначен за нов селектор на местото на Душан Николиќ кој пак го презеде кормилото на репрезентацијата на Босна и Херцеговина.

– Можам да кажам дека сум задоволен од работата и залагањето на сите ракометари. Во Маврово имаме комбинирана репрезентација со искусни одбојкари, но и помлади и во изминатите 15-тина дена работевме во групи за да можеме да посветиме повеќе внимание на индивидуална работа со репрезентативците. Заеднички тренинзи ни беа вечерните на кои се работеше на тактиката – вели Павличевиќ за „Слободен печат“.

Новиот предводник на одбојкарите не може да смета на сите репрезентативци, посебно на некои од најискусните, но, во тој хендикеп Павличевиќ гледа и позитивни работи. Селекторот смета дека тоа е можност младите одбојкари да се наметнат.

– Љафтов има повреда на рамото и нема да биде со репрезентацијата, а исто така ова лето ќе ни недостасува и Ристо Николов, но останатите ќе бидат тука со нас. Отсуството на двајцата искусни репрезентативци ќе претставува можност за младите да се наметнат на претстојните натпревари, како на подготвителните така и на официјалните во Европската сребрена лига и на Медитеранските игри – смета Павличевиќ.

Контролните натпревари против Албанија претставуваат генерална контрола пред настапот на репрезентацијата во Европската сребрена лига. Стартот во Европската сребрена лига за одбојкарите е на 25 мај на домашен терен против БиХ, по што ќе следува гостување кај Романија.

Потоа избраниците на Павличевиќ ќе одиграат два натпревари против Албанија, а во последните две кола Македонија прво ќе ја пречека Романија, а потоа ќе гостува во БиХ. Пласман на завршниот турнир што на 18 и 19 јуни ќе се игра во Унгарија, ќе обезбедат двете првопласирани репрезентации. Потоа репрезентацијата ја очекува настапот на Медитеранските игри во Алжир (25 јуни – 5 јули).

– Одиме натпреарување по натпреварување, прв предизвик ни е Европската сребрена лига. Целта е да одиграме што подобро во групната фаза и да обезбедиме пласман на завршниот турнир. Постои желба и мотивација кај сите одбојкари да направат што подобри резултати, но според мене но најважно е како ќе одиграме. На тренинзите е видлива желбата на одбојкарите за напорна работа и за постигнување добри резултати во Европската сребрена лига. Исто така, одбојкарите имаат голема желба да настапат и на Медитеранските игри со цел што подобро да бидат подготвени за Европското првенство на кое Македонија е домаќин на една од групите – додава Павличевиќ.

Видео на денот