Павле нарачал пола од четврт бурек

Фото: Слободен печат

Пола за мене претставува парадигма на демократијата и слободата. Тоа е мерката која што ние децата на слободата ја користиме уште од распадот на некогашна Југославија и разбивањето на мрскиот социјализам.

Не знае денешната младина дека во темниот комунизам, кога живееме во едноумие, производите што се консумираа се мереа во цело. Цело свинче се колеше за 29 Ноември, рафинирано со француска обработка, пропратено со синдикални пити кашкавал, пакет зејтин, цела вреќа брашно и канта сирење.

И кога светлото се запали и конечно ја дочекавме слободата и демократијата, добивме преполовени мерки. Пола свинче за Божик или можеби бутче. Пола јагне за Велигден, пола килограм сирење, лубеница пресечена на пола или пола од четврт бурек стручно наречена осмина бурек, со која може да се засити само девојче не постаро од три години.

Пола од едно цело или 50 проценти од нештото е претпоставувам и бројот на луѓе, кои од осамостојувањето до денес трајно ја напуштија Македонија и се раштркаа низ целиот свет. Во меѓувреме снема и пола од индустријата, земјоделието и стручниот кадар.

Веќе сите знаеме дека пола е трејдмаркот во кој нашите деца растат и се оформуваат, па стануваат возрасни луѓе, лидери и пратеници во парламент. Половичноста на нивната работа може да се види на секој чекор, а богами и да се слушне на интернет.

Да престанам со овој претенциозен хумор и да кажам дека стварно немам појма дали независниот пратеник Павле Богоевски нарачувал пола доза кокаин или како што тој потоа изјави пола доза медицинско масло од канабис, наменето за лекување на негов близок. На мене не ми е битно дали Павле „шмрка“, а доколку на него му е битно тоа да го докаже, тогаш едноставно нека направи токсиколошки тест со давање примерок од крвта. Резултатот ќе покаже дали нарачувал дома да му биде донесено пола од маслото од канабис или пола од четврт бурек. Со месо.

За крај ќе потсетам дека и за Бранко Црвенковски се ширеа гласини дека е зависник од кокаин, ама Бранко не беше независен пратеник. И Бранко не се возеше со такси.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот