Павле и Савле

Сашо Орданоски. / Фото: Слободен печат

Позицијата на Павле Богоевски е прилично неодржлива: илегалната снимка на неговиот разговор со претпоставениот дилер на нелегални наркотички супстанци го става во деликатна политичка состојба, од која оставката – на голема радост на сите негови бројни политички непријатели, дежурни сеирџии и „овластени“ морализатори – се наметнува како логичко решение. И со и без оправдувањето за „медицински цели“.

Сепак, случајот е уште поинтересен од аспект на јавниот интерес заради испитување на околностите под кои е настанат целиот скандал. Имено, една е „линијата“ на натамошни перипетии околу самиот Павле, но ова е извонредна прилика за органите за прогон во државава да го истражат целиот „систем“ според кој некој (да го наречеме Савле) неовластено поседува, а потоа и објавува, со јасна политичка арбитрарна цел, нелегално снимени разговори од телефоните на разни јавни личности.

За професионални обвинителски и полициски структури не би требало да претставува особено тежок проблем за 24 часа да биде приведен наводниот таксист кој го снимал разговорот со својот патник Павле, па тој да го „реконструира“ целиот разузнавачки канал по кој такви разговори се објавуваат на опскурната руска социјална мрежа „Вконтакте“. Не би се изненадил волку „иницијативниот“ таксист да е некој вработен во УБК кој во „втора смена“ го надополнува семејниот буџет со таксирање по Скопје.

Но, зошто немаме таква ефикасна реакција на истражните органи? За тоа има неколку веројатни објаснувања…

Можно е нашите „Шерлоци“, од непрофесионалност и мрзеливост, да не ја препознаваат шансата што им се укажува низ истражувањата на неволјите на Павле да разрешат една необично интересна загатка која одамна го загадува македонскиот политички простор на криминален и манипулативен начин, со непредвидливи последици од секакви идни злоупотреби.

Можно е, исто така, некои „надлежни“ во полицијата и кај обвинителите (некоја варијанта на „ВМРО-МВРО“) да знаат кој стои зад објавите на мрежата „Вконтакте“, но од одредени политички или други причини врзани со криминалниот полусвет со кој работат, тие објави да им одговараат, а можеби дури и да ги поттикнуваат да се објавуваат.

Третото би било, што е исто така сосема можно, дека надлежните се, просто, глупави. Не знам дали е ова најможно, но е можно.

Кое и објаснување да е во прашање, не е добро. Бидејќи е продолжување на синџирот нерасветлени криминални активности во државата со очигледни политички импликации. Нормално дека Интерпол, потоа, не сака да ни објавува меѓународни потерници, кога надлежните самите не сакаат да го расчистуваме криминалот што претходел на потребата за објавување на тие потерници.

Ваквата правна и безбедносна несигурност придонесува во општеството да се шири културата на јавен линч по социјалните мрежи, на задоволство на еден голем и скап пропаганден апарат ангажиран во три смени да работи на задачата да докаже дека сегашната власт е неспособна, криминална, корумпирана и, наводно, далеку полоша од кошмарот низ кој поминавме за време на режимот на Фамилијата. Тие се обложуваат на кратката меморија на јавноста и на тоа дека, преку докажување на теоријата дека „сите се исти“, повторно би се вратиле на власт, исти какви што беа, само малку полоши.

Случајот „Павле и Савле“ – а оние што помнат подолго можеби ќе се сетат на таа српска аналогија од крајот на осумдесеттите – е токму движење во таа насока.

Затоа и мислам дека Павле е, навистина, политички „смртно ранет“, но барањето негова одговорност има смисла само доколку се открие кој е Савле. Тогаш веројатно ќе се види дека персоналниот проблем со Павле е далеку помал од системскиот проблем со Савле. Кој разбира, разбрал.

Извор: Цивил Медиа

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот