Патувања, премиерот и прасенцето Пепа

жанета скерлев
фото: Архива/Жанета Скерлев

Не е забележано дека посетата на забавниот парк „Светот на прасенцето Пепа“ е зголемена. Ама ако е, супер, барем еден бизнис ќе напредне. Сепак, не е лошо Џонсон, татко на барем шест деца, од две до 30 години, да почне да посетува и други светови.

А толку фино си поминавме по пат, враќајќи се назад кон Кралството наше се уште Обединето, што решивме дека само да се растовариме, да си ги оставиме летните, да земеме нешто малку душа и зимски алишта и ајде уште едно крукче низ Европа. Или „преку море“, како што викаат тука (overseas), каде што сме на еден голем остров и сè е преку некое море, па да се излезе (или влезе) мора да се лета со авион, вози со воз или со ферибот. Доаѓањето со пластични чамчиња на пумпање е друга приказна што ја раскажуваше пред ден-два во парламентот министерката за внатрешни работи, ама успеа да се убеди само самата себе, но за тоа во друга прилика…

Значи, патувањето – убавина. Време сончево, патиштата – автопатишта и автобани, возењето уживанција, не само во Франција. Посебно деловите низ Германија каде што автомобилот покажува максимум, возачот што знае (а знае), а совозачот колку може да издржи без да се одлепи од седиштето, а потоа да каже – дај сега, бе, малку јас! Велат, потоа се забораваат оние помалку убавите работи, како на пример граничниот премин Хоргош со Унгарија каде што ревносниот цариник ни го заплени сиот алкохол (нема врска транзит- манзит) и нè убедуваше дека тоа се тамошните правила, плус казна плативме. Ниту Австрија, каде што на границата ни бараа бегалци во автомобилот, ама ние, за жал, немавме. И конечно Франција, пристаништето Кале, каде што моравме да пополнуваме еден куп формулари, да платиме за ковид-тест два дена однапред, со возилото да поминеме низ рендген тунел, да нè издушкаат кучиња, за само ние и уште едни во последен миг да се качиме на фери и со еден куп камионџии (дефицитарна стока во Ју Кеј), за да си дојдеме дома.

Сакаме пак

Ама во меѓувреме, прекрасни места низ Европа, посебно Австрија и Германија, каде што се врткавме повеќе отколку што беше потребно, зашто ни беше убаво. Сакаме пак во Австрија? Нема да може – национален локдаун. Барем до 13 декември, велат. Во Германија, влез само за вакцинирани Британци и тоа ако баш сте решиле да терате туризам. Протести во Холандија, Швајцарија и во Хрватска против ограничување на движењето – не е многу фино и релаксирано. За Унгарците, не ме интересира. Тука немаме намера да одиме уште долго време, ниту како Македонци ниту како Енглези, што сега со брегзитот му доаѓа некако на исто. Сето ова во време кога бројките на заразени со ковид-19 растат, па Светската здравствена организација е загрижена дека најновиот европски бран би можел да доведе до илјадници нови смртни случаи до февруари идната година ако не биде ограничен.

А пред само неколку недели сите не носеа маски, ниту пак имаше средства за дезинфекција по масите во хотелите и во рестораните, а атмосферата беше како и времето, сончева, топла и погодна за релаксирање. Да, прашуваа за сертификат за вакцини, услов за добивање соба во хотел и маса во ресторан, но сето тоа како да беше формалност и мал дел од последните денови од ноемвриското индијанско лето.

Не дека во Велика Британија нема заразени. Но, големиот број вакцинирани – 88 отсто прва доза, 80 отсто две дози и 27 отсто трета, таканаречена „бустер“ доза, прават бројот на хоспитализирани и на смртни случаи да опаѓа. Владата не додаде ниту една нова земја од Европа на својата црвена листа, што значи дека технички, можеме да патуваме. Ама ајде де, некако не ни оди кога секој ден слушаме за нови заразени, протести и за ограничувања низ Европа и како да се релаксира човек? Не оди. Па, ќе почекаме малку.

А и Лондон пред Божиќ и Нова година е прекрасен. Украсен и празничен. Не како порано, ама сепак. Е сега, ни рекоа (лично Кресида Дик, шефицата на лондонската Метрополитен полиција) дека е многу веројатно да има терористички напад во време на празниците, па да бидеме екстра внимателни. Ама учени сме ние лондончаните, за жал, на закани, експлозии и слични случки. Уште од времето кога ИРА беше терористичка, а Шин Фејн не беше во владата на Северна Ирска, па седевме во тунелите на лондонското метро по четириесетина минути и чекавме да помине тревогата, до Ал Каеда и сегашните домашни следбеници кои решиле или некој им кажал да решат да убиваат пратеници пред канцеларии и во цркви.

Мојсеј и светот на Борис

Но, да поминам на други теми. На позабавни? На говорот на Борис Џонсон пред стопанствениците британски, односно Конфедерацијата на Британска Индустрија (CBI). Премиерот ламентираше за разни работи и среде сериозен говор се спореди со Мојсеј и брмчеше како возило. Сериозно, викаше „бррм бррм“… Најголемиот број бизнисмени, голем број членови од неговата партија и речиси сите медиумите, го оценија како – промашен и, во најмала рака, чуден. Односно, толку чуден, што еден новинар го праша – дали се чувствува добро и да не е премиерот преморен?

Џонсон имаше шанса да им влее оптимизам на бизнисмените загрижени од проблемите со ковидот, брегзитот, невработеноста и од инфлацијата. Им рече дека развојот не го овозможува владата, туку приватниот сектор и потоа: „Вчера бев во забавниот парк на прасенцето Пепа. Кренете рака ако сте биле таму! Многу ме бендиса. Светот на Пепа е баш мое место. Има многу безбедни улици, дисциплина во училиштата, голем акцент на новите масовни системи на транзиција. Не ми пречи ни тоа што се малку стереотипни со тато Прасе“. И продолжи да објаснува дека од посетата научил оти популарноста на главниот карактер, прасенцето кое му личело на „фен за коса во стил на Пикасо“, бил доказ за британската креативност и дека програмата е сега извезена во 180 земји и вреди 6 милијарди фунти. „Мислам дека ова е генијално, зарем не? Ниту една влада на светот, ниту еден владин службеник, немаше да смисли нешто како Пепа“.

Ова од премиер кој запрашан во 2018 година дали е свесен дека бизнис секторот е загрижен ако нема договор за брегзитот, славно кажа „кој го е*е бизнисот“. Не е забележано дека посетата на забавниот парк „Светот на прасенцето Пепа“ е зголемена. Ама ако е, супер, барем еден бизнис ќе напредне. Сепак, не е лошо Џонсон, татко на барем 6 деца, од две до 30 години, да почне да посетува и други светови. Добро и за него и за бизнисот и за сите други.