Патувања и сонувања

жанета скерлев
фото: Архива/Жанета Скерлев

За разлика од минатото лето, кога патувањето со кола од Англија до Македонија беше рамно на воена операција и кога маж ми и јас со распореден кујнски и друг прибор го планиравме пробивањето накај југ, оваа година е – уште полошо.

Дваесет и седуммина, меѓу кои и жени и деца, стигнаа, поточно беа спасени од студените немирни води на Англискиот канал или Ла Манш, во зависност од која страна го гледате. Тука инаку, иако календарски е лето, е прилично студеникаво, деновиве со температури околу 16-17 степени целзиусови. А водата е уште постудена, па дури ни домородното население, кое е расоблечено (дека сепак календарски е лето), не се осмелува да се капе во студените води на каналот. Спасувачите беа членови на RNLI (Royal National Lifeboat institution), Кралска национална институција на спасувачки бродови, основана во 1824 година, за да помага на оние што ќе се најдат во неволја во вода. Во океан, во море, во езеро, во река, во канал, со традиција и со посветеност која е исклучителна.

Сите овие луѓе што ги посматраат водите, од Тауер бриџ на Темза до спектакуларниот Св. Давидс во Велс и тргнуваат веднаш во спасувачка акција со бродовите кога ќе бидат повикани, се доброволци. RNLI е хуманитарна организација во Обединетото Кралство и Ирска, има 431 спасувачки брод и 238 станици за заштита на водите, екипаж од 4.600 луѓе и повеќе од 40.000 други доброволци. Овие луѓе, мажи и жени, стари и млади, добиваат обука, редовни „освежувачки курсеви“, а се финансирани од завети, наследства, ветени пари во тестаменти (65 отсто) и од доброволни донации (28 отсто), Фондацијата има соработка и со корпорации како „Јамаха“, „Вејтроуз“, „Грег Олсен Круз Лајнс“ и слични. Низ годините, спасиле повеќе од 170.000 животи и спречиле голем број несреќи и катастрофи.

Несреќи и други

И додека спасувачите ги вадеа прво жените и децата од гуменото чамче со уплашените и исцрпени бегалци/имигранти, не сите се радуваа на среќниот крај на приказната на страдалниците кои поминаа седум гори и седум мориња да стигнат до тука, ризикувајќи ги животите и полнејќи им ги џебовите на шверцерите со луѓе. Можеби една беше Прити Пател, министерката за внатрешни работи, знаете, онаа што ќе ставаше мрежи во Ла Манш да спречува (незаконско) доаѓање во Обединетото Кралство, откако претходно направи сѐ што можеше да им го отежни законското на оние што доаѓаат од страв, од немајкаде или од животна потреба? Но, јавно да го каже тоа, ќе си ја запечати политичката судбина. За „среќа“, го имаме тука Најџел Фараж, поранешниот ЕУ-парламентарец, кој ја подриваше Унијата однатре и ја основа и згасна партијата Брегзит, а сега стана и новинар (ах, кој сѐ денеска не шета наоколу и лажно се претставува!). И Најџел се појави на новиот британски ТВ-канал, начелно проконзервативен за заштита на британштината, а во суштина таблоиден БГ Њуз и рече дека „спасувачите, всушност, носат терористи во земјата“. Изгледа во секоја земја има понекоја телевизија која постои да вдомува полу учени (тие се најопасни) и да биде фабрика за ширење несреќи.

Мисија-вози Мишко

За разлика од минатото лето, кога патувањето со кола од Англија до Македонија беше рамно на воена операција и кога маж ми и јас, во стилот на Монгомери и Патон (тој сув слаб височок, јас обратно), со распореден кујнски и друг помошен прибор го планиравме пробивањето накај југ, оваа година е – уште полошо. На секои два дена се менуваат правилата. Во ред, ќе се тестираме и ќе влеземе во воз (Еуростар тунел) или на брод (фери), и тоа ќе биде најлесниот дел, макар што тука прашуваат и „што мајка бараш да патуваш“, а ние одиме да ја видиме оти не беше баш најдобра. Потоа… „вози Мишко“ како знаеш и умееш.

Франција, засега, бара да влеземе и да излеземе „ вит, вит, вит“, брзо, брзо, брзо, нема влечкање, нема преспивање, нема патување и уживање, винце и сиренце, бифтек „лимузен“, како што правевме секогаш кога ќе дојдевме на континентот. И Германците не се ништо подобри. И тие велат „дурх марш“, а толку убави спомени имаме од, на пример, Пасау на Дунав. Австријците, да не останат подолу од Германците, сахер торта во Виена – „никс“; Италијанците – зависи дали овој пат ќе нѐ примат на брод Анкона-Игуменица или ќе мора да возиме автопат „братство-единство“. И сето тоа со еден куп документација на неколку јазици, дека сме вакцинирани, дека сме тестирани и дека сме главно фини. И со надеж дека за неколку денови нема да се сменат правилата, па во Франција да може, Германија најн, Италија пронто, а Словенците пак да ни закачат некоја казна, онака ничим изазвани, од нивниот нон-пејпер од лани.

Истресено и измешано

Имам полно разбирање за Роби Смит, млад колега новинар, дваесет и нешто годишник, кој вели дека следната недела ќе ја прими и втората вакцина и дека ќе може конечно да патува, ама мисли дека нема да може. Британија постојано ги менува правилата за одење и за враќање во одредени земји поради ковидот (семафор систем – црвени, портокалови и зелени земји) и сите ние што патуваме, не знаеме кога ќе се враќаме што ќе нѐ снајде. За оние со броени денови е навистина тешко. Ќе отидат во Шпанија, со купени аранжмани и тестови мислејќи дека сега како што е, ќе се вратат за две недели и – оп, на работа. Кога тоа, нови правила, Шпанија станала „црвена“ , и сангријата недопиена, трчање назад на аеродром да се стигне пред портокаловото да се зацрвени. За пари, трошоци, стресови и да не зборуваме. Ама не зборува Роби за Шпанија, тоа е за обичните смртници, тој зборува за Москва, за Кина, за мемоарите на Фицрој Маклејн, авантурист, дипломат, војник, светски патник и писател, од книгата што ја чита. Маклејн, велат дека бил инспирација за ликот на тајниот агент на британската разузнавачка служба, Џемс Бонд. Други пак дека го променил текот на историјата на Југославија.

Тој е предводник на британската мисија во Југославија во 1943 година, да дознае „кој убива повеќе Германци во Југославија“, па тогашниот премиер Винстон Черчил решава да ја повлече поддршката на четниците на Дража Михајловиќ и да им пружи помош на партизаните на Јосип Броз Тито. Присуствува на судењата на противниците на Сталин во Москва, кусо време е парламентарец, па диверзант (успешен) па патува и пишува и патува.

Тоа сака Роби Смит, да патува и да пишува, како Меклејн во неговите Eastern Approaches, за патувањата по Советскиот Сојуз, мисијата во Либија и Југославија, и биографијата на Тито, човекот кој го фасцинира. Тоа сакаат и тој и многумина од неговата генерација. Да видат свет. Заробени на островот, ако не им се книгите и мечтите, може Најџел да им влезе во животот.

(Ставовите изнесени во рубриката „Колумни“ не се секогаш ставови и одраз на уредувачката политика на „Слободен печат“).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот