ПАТУВАЧКА ИЗЛОЖБА: Феминистичка акција за разбирање и солидарност

Академската сликарка и родова активистка Дороти Пачкова го основаше Центарот за слобода и култура „Арт-Фем“ и за еден месец реализираше пет интерактивни патувачки изложби со намера да оформи феминистички мрежен центар за унапредување на правата на уметничките.

Изложбата „Време е да создаваш женски“ на „Арт-Фем“ во текот на декември ги посети галериите, музеите, младинските центри, домовите за култура, но и општините во Штип, Тетово, Крива Паланка и во Куманово, а заврши на 27 декември 2019 година во „Олд скул бар“ во Скопје.

Во текот на декември се случија серија патувачки изложби од проектот „Арт-Фем“. Со каква цел се случија изложбите?

– Патувачките изложби со наслов „Време е да создаваш женски“ се првата активност на граѓанската организација Центар за слобода и култура „Арт-Фем“. Изложбите имаа и мотивирачки карактер, со тоа што посебен акцент ставаат на женското творештво, младите уметнички, уметничките од различни контексти, претставничките на ретки уметнички гранки, уметничките од маргинализираните категории.

Самите дела од изложбите говорат за проблематичноста на патот на женското творештво. Тие се создадени за време на ликовна колонија, каде што како авторка се соочив со типично шовинистички предизвици, при што за малку не ги загубив делата. Во таа борба за правичност, во пресрет ми излегоа колешките од Шелтер-центарот за заштита на жени од Црна Гора и со здружени сили си ги вратив делата во земјава. Тоа беше иницијална каписла да го осмислам и да го формирам „Арт-Фем“. Кога им ја презентирав идејата на моите колешки од Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Косово и од Црна Гора, ја добив нивната поддршка и спремност да бидат дел од „Арт-Фем“ и заедно да ги вмрежуваме и да ги зајакнуваме жените културни работнички од целиот Балкан.

Практично, која е целта на проектот „Арт-Фем“?

– Целта на „Арт-Фем е да им понуди слободен јавен простор на културните работнички од земјава и да биде мрежен центар за култура што соработува со партнерски организации од Балканот. „Арт-Фем“ има визија за обезбедување севкупно општествено напредување кон нови постигнувања и пристап до јавните сфери на девојки и жени од културата и уметноста, како и да понуди можности за мрежно дејствување за креативна реализација на прогресивно преобмислување на културно-општествената заедница преку женската перцепција. „Арт-Фем“ сонува да биде лекција за разбирање, солидарност и унапредување на уметничките од нашиот регион.

Мисијата на „Арт-Фем“ е да работи на ефективна промоција и поддршка во остварувањето на правата на уметничките, така што секоја авторка што има интереси за напредување во културно-уметничкиот развој преку нови трансдисциплинарни вмрежувања на културните работнички, на локално и на интернационално ниво, поканета е да се вклучи.

Какви се досегашните резултати од функционирањето на мрежата и каде понатаму ќе се шири платформата „Арт-Фем“?

– Сега ги поставуваме темелите на „Арт-Фем“ и за резултатите со задоволство ќе зборуваме во иднина. Ова за нас е период на дискурзивно и стратешко определување на активностите што ќе нè одведат до резултати од типот на зајакнати уметнички и културни работнички, вмрежени врски со уметнички од целиот Балкан и можности за презентација низ светот.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ бр. 11, во викенд-бројот на „Слободен печат“ на 28/29 декември 2019)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот