Патриотски стрелачки одред потпомогнат од пензионерот Црвенковски

Ненад Јовановиќ. / Фото: Архива

Црвенковски е типичен егземплар на онаа Македонија која повеќе ги сака своите болести, отколку своите лекови. Да ги згазиме оние прогресивни дечишта, да ја заборавиме Европа, да ги газиме инакумислечките на корист на немислечките, да ја чуваме „патриотска“ Македонија.

Опозиционерите ја претворија нашата земја во јавен тоалет; секој по неа уринира, здивот им се чувствува надалеку, единствено попристојни се графитите и цртежите по sидовите на зградите и мостовите, а секој оној што ќе им се спротивстави во нивното лудило го бербатат. Надвор не те пуштаат додека не платиш со сопственото име и углед. Две прашања се поставуваат: колку од нас се спремни да умрат за нивната „патриотска Македонија за сите луѓе“, и второто – колку од нас се спремни да умрат за подобра, поинаква и „очовечена“ Македонија? Со други зборови: дали Македонија е спремна да влезе во нова граѓанска војна (како од времето на груевизмот) само како би успеала „бранковото скопско лоби“ да го лиши од власт Заев, потпомогнато од стрелачкиот одред на Мицкоски виа Будимпешта?

Ако Црвенковски навистина ги сака Македонците и другите граѓани во оваа земја, нека оди да си најде друга земја и други граѓани кои ќе ги владее, нас сосема доволно „нè усреќи“ за целото негово владеење. А, ако ме прашате дали треба нова граѓанска револуција, јас ќе кажам категорично – не! Македонскиот трон не е вреден за ниеден македонски живот, или чиј било друг живот. Нека излезе Црвенковски од сопствениот меур, нека се симне помеѓу обичните луѓе, па со прст нека покаже на илјадници мажи, жени и „деца“, кои треба да одат во неговата револуција само за да го тргнат Заев од власт? Јас за такво нешто немам разбирање, а богами немам ни снага и овластување.

Подрумски разговори

Во Скопје, по тие опскурни места, сите лицитираат кога ќе падне Заев. Некои велат дека тоа ќе биде на локалните, глупаците главно плукаат, а паметните веруваат дека Заев ќе ги добие и овие избори во огромен број општини. Таквата рефлексија од тие колосални подрумски разговори стигнуваат и до „сијамските мудреци“ од МАНУ. Се собрале пред два дена, во уште едно од многуте опскурни места, па наместо да се сеќаваат и да евоцираат спомени како класични пензионери за историјата и други трици и „шлајшупки“, мудреците поткачени на пулт, со придружба на камери и фотоапарати, претпоставувам на „мрсна хартија од застарен бурек“ напишале некаква бедна критика во стилот на шеесетиосмашките комунисти: а, сега, драги другарки и другари, да ги збиеме редовите против Заев: ние му дадовме власт, а овој тера ли тера; може да се сопне, можеби ќе пукне и како балон…

Наместо „критика на чистиот ум“, слободно може да кажеме дека се работи за „критика на стариот трокиран ум“; дури и во говоранцијата се забележува дека „дрнда“ романтичарски занес. Против кого? Против човекот што толку многу вложи и изгуби за нивната слобода, нивната немоќ, нивниот конформизам и нивната, пред сè, лична неспособност. Го плукаат Заев затоа што облагородува, затоа што ги направи „мајмунчиња во нивната безидејност“, затоа што им ги реши нивните проблеми: тридеценискиот спор со Грција го реши со Преспанскиот договор и нè внесе во НАТО.

На тоа, вели Црвенковски, типично за сите политички козери и манекени: „НАТО нема да нè штити, а ЕУ нема да нè храни“. Тјах (!), колку длабоко, практично како кутриот да зацапал во септичка јама; пукнал Бранко со ќорфишек барајќи мета, а промашил сè друго. За волја на вистината, не влеговме во НАТО затоа што експлицитно ќе нè брани, ами затоа што на светот сакавме да му докажеме дека малата Македонија е способна да направи траен мир меѓу соседите и сакавме на светот да му докажеме дека од груевистичко-руска сатрапија, државата го фаќа курсот кон Запад, го фаќа курсот кон слободните и демократски земји, со почитување (и пред сè верување!) во сите човекови права и слободи.

Ќе умрам од смеење од Бранковите метафори, ако пред тоа не се погрижи некој друг да умрам поинаку. Се собрала старата и „ослободувачка“ квазинаучна герила во МАНУ, сфаќаат и самите дека нема никаква причина за улични протести, па од себе го исфрлаат сиот очај, тропајќи со „празни лончиња“, плукаат, дефамираат и негираат сè што на оваа земја ѝ се случи. Со политиката на Заев немаат никаков проблем, имаат проблем само со тоа што е Заев, а не се тие.

Црвенковски е типичен егземплар на онаа Македонија која повеќе ги сака своите болести, отколку што ги сака своите лекови. А тоа значи: да се хомогенизираме како создавачи на историјата и да се бориме против „новиот светски поредок“, да ги згазиме оние прогресивни дечишта, да ја заборавиме Европа, да ги газиме инакумислечките на корист на немислечките, да ја чуваме „патриотска“ Македонија која бара од нас да се чувствуваме помалку луѓе од „вистинските“ Македонци.

Денес, кога заборавивме што беше и каде беше Црвенковски сите овие години (море луѓе, каде беше Црвенковски сите овие години?), велам, денес се појавува за „спасител“, одработувајќи бедно за ВМРО-ДПМНЕ. И во овој „случај Црвенковски“ не се работи за него, туку за нас! Дали сме спремни вакви „ѓене-ѓене-ѓенарли“ конечно да ги испратиме во историјата, така што нема да им ги премолчуваме глупостите, и јасно да кажеме дека никогаш повеќе нема да ја ставиме сопствената судбина во рацете на еден човек. А Црвенковски не е ништо друго освен човек што бара да ја ставиме сопствената судбина во негови раце.

Фараонски систем на смртна постела

Од друга страна, овој крик на Црвенковски е гаранција дека крајот на фараонскиот систем во Македонија е на смртна постела. Црвенковски во МАНУ падна на две полиња: патриотско-конзервативниот и демократскиот. Тука, морам да кажам, заедно со него паднаа и сите оние што сакаа да го оправдаат неговиот чин. Повеќе од сигурен сум дека не е свесен и ден-денешен каде погреши! Црвенковски е само разочаран човек.

И на овие избори очекувам мојот народ да го порази уште еднаш наркотикот создаден од популизам со име ВМРО-ДПМНЕ. Јас мислам дека можеме – ги познавам луѓето – нема да се повлечеме пред малцинството за кое Црвенковски одработува. И не би сакал ниту еден Македонец, Србин, Бошњак, Турчин, Ром, Албанец… да умре за него. Имено, секој лидер во историјата се оценува по тоа што ќе ѝ остави на државата и нацијата. А Црвенковски ни го остава најголемиот изум: да сме го рушеле Заев само затоа што Заев го направи тоа за кое тој немаше храброст, „мадиња“ и политичко снаоѓање во просторот и времето. Таткото на нацијата се поткачи на пултот во таа опскурна институција МАНУ, па „одлучи да ни ја е.е мајката“ оти „децата“ открија дека стравот не е доволен за среќа.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот