Патот на Путин од Курск до Курск
Психолошки, нападот за Украина дојде во најдобриот момент, кога Русија се чувствуваше мирна од нејзиниот напредок во Донбас и кога руското раководство се надеваше на прекин на огнот според условите на Москва, што би значело капитулација на Киев.
Кога Украина го почна навлегувањето на руска територија во Курската област на 6 август, многу западни аналитичари рекоа дека тоа беше огномет – остава впечаток, но не трае долго. Еден експерт што го цитиравме, го нарече „фуснота“.
Но, тие згрешија. На второто читање, навлегувањето на Украина поверојатно ветува дека ќе ја промени играта. Во раните денови на септември, Украина сè уште контролира повеќе од илјада квадратни километри руска територија, повеќе од 100 населени места и има заробено стотици руски војници.
Од почетокот на целосната инвазија на Русија во февруари 2022 година, аналитичарите ги нарекоа украинските вооружени сили „армијата на Мекгајвер“.
Мекгајвер е шпион на Агенцијата за национална безбедност во истоимената ТВ-серија од 1985 година, кој решава сложени мисии со своите големи познавања на применетите науки и неговиот омилен швајцарски нож.
Украинците го изненадија целиот свет, создавајќи оружје, комбинирајќи го арсеналот од советската ера со модерната технологија. Тие развиваат морски и воздушни дронови на најиновативни начини и се приспособуваат на теренот, соочени со помоќен противник, барем во однос на бројноста и муницијата.
Во овој поглед, инвазијата на Курск беше Макгајверска. И покрај руските тврдења за спротивното, раководството на Украина се чини дека одлучило самостојно да го почне нападот. Неколку недели подоцна, и по извесно двоумење, НАТО го нарече „легитимен“.
Психолошки, нападот за Украина дојде во најдобриот момент, кога Русија се чувствуваше мирна од нејзиниот напредок во Донбас и кога руското раководство се надеваше на прекин на огнот според условите на Москва, што би значело капитулација на Киев.
Додека ги пишувам овие редови, јас сум во Бугарија, каде што има многу Украинци коишто овде се чувствуваат како дома. Моите соговорници велат дека инвазијата на руска територија им дава надеж за поправеден мировен договор заснован на размена на окупирани територии. За разлика од Русија, Украина не сака да заземе руска територија.
Некој иден мировен договор веројатно ќе договори тампон-зони што ќе бидат демилитаризирани. Русија предвидуваше тампон-зони само на украинска територија. Сега е пореално да се замислат тампон-зони од двете страни на границата меѓу Руската Федерација и Украина, меѓународно признаена од 1991 година.
Можеби изгледа чудно што Русија досега не мобилизираше повеќе ресурси за да ги потисне трупите на Киев од нејзината територија. Украинците, кои ги познаваат Русите подобро од кој било друг, велат дека Кремљ зазел попасивен став, бидејќи тоа му помага на неговиот наратив дека целиот Запад се бори против Русија и се стреми да ја уништи, а германските тенкови повторно ја газат светата руска земја.
Кога Путин ја направи огромната грешка со инвазијата на Украина, на Русите им продаде наратив дека тоа е „специјална воена операција“ и дека обичните Руси нема да страдаат.
Но, тоа беше одамна. Повеќе од 66.000 руски војници беа убиени во Украина за време на војната пред инвазијата на Курск, според извештајот на независниот руски медиум Медијазона во соработка со Би-би-си, објавен на 30 август. Извештајот е составен врз основа на отворени извори, како што се објавите на социјалните мрежи што известуваат за смртта на најблиските.
За споредба, 9.500 руски војници беа убиени за време на војната во Авганистан (1979-1989), што индиректно доведе до распад на Советскиот Сојуз.
Путин балансира меѓу Сцила и Харибда. Ако тој ги зголеми воените напори, тоа ќе предизвика внатрешно незадоволство што може да ја дестабилизира неговата империја, па дури и да предизвика колапс на Русија. Сепак, рускиот претседател знае дека единствениот начин за политички опстанок е ако Русија е во војна.
Путин мислеше дека во оваа војна со низок интензитет ќе има надмоќ. По 6 август, веројатно веќе почна да се сомнева во тоа.
Во руски виц се вели дека Путин, загрижен за инвазијата на Курск, побарал совет од духот на Сталин.
(Битката кај Курск беше голема битка на Источниот фронт од Втората светска војна помеѓу силите на нацистичка Германија и Советскиот Сојуз во близина на Курск во летото 1943 година, која заврши со советска победа.)
Духот на Сталин му рекол на Путин: „Можеш да направиш како што направив јас во 1943 година. Побарај оружје од Американците и испрати ги најдобрите украински војници да се борат таму“.
Нуклеарната подморница, за која се верува дека не може да потоне, го добила името „К-141-Курск“ по познатата битка кај Курск во 1943 година. На 12 август 2000 година, подморницата потона во несреќа во Баренцовото Море. Сите 118 луѓе на бродот загинаа откако Русија одби спасувачка помош од Запад претпочитајќи да ги чува своите тајни.
Во тоа време Путин веќе беше претседател на Русија и ја донесе оваа страшна одлука. Моите украински соговорници велат дека се надеваат дека патот на Путин, кој почна со Курск, ќе заврши со Курск.
(Авторот е новинар)
ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“