Патот кон цензурата е поплочен со борба против дезинформации

Опасност од цензура препознаваат новинарите, нивните здруженија и медиумските работници, откако Владата завчера најави дека ќе усвои План за одлучна акција против ширење на дезинформации, кој се состои од безбедносни и проактивни мерки.

Новинарите гледаат проблем во дел од проактивните мерки кои, меѓу другото, предвидуваат дека владино тело ќе ги следи корисниците на социјалните мрежи и ќе ги пријавува профилите што шират лажни вести, медиумите ќе се акредитираат според професионални стандарди за да можат да ги следат владините прес-конференции, а Владата ќе ги објавува сите добиени прашања и дадените одговори за граѓаните да оценат дали некој ја лаже јавноста.

Загриженост во ЗНМ

Првичната оценка на предлог-планот против ширење дезинформации содржи точки поради кои изразуваме загриженост, велат од Здружението на новинарите на Македонија. Според ЗНМ, Владата има обврска да ја гарантира слободата на изразување, па за да се исклучат сомнежите за злоупотреба на оваа обврска, процесот на консултации за овие теми треба да биде максимално инклузивен и транспарентен од самиот почеток.

– Освен тоа, Владата треба да знае дека дефинирање на професионални стандарди и оценка за тоа дали некој новинар или медиум е етичен, може да го прави исклучиво новинарскиот еснаф и јавноста, а не владина институција или каква било работна група во рамките на Владата – велат од ЗНМ.

ЗНМ го охрабрува потегот на Владата да направи напор за одбранбен механизам внатре во институциите преку креирање на протоколи и обуки за државните службеници и смета дека е битно извршната власт да биде транспарентна и точна во начинот на пренесување на информациите, како превентивен механизам за погрешно толкување од медиумите.

– Од друга страна, со загриженост ги проследивме дел од проактивните мерки, и тоа особено оние кои имплицираат на платени кампањи во приватните медиуми, најавата за корегулација, воведување на критериуми за акредитирање на медиуми кои ќе имаат право да ги следат владините настани во согласност со стандардите на новинарската професија, како и формирање на акциска група за борба со дезинформации со проблематичен состав и улога. Недореченоста на овие предлог мерки може да се толкува како обид за ограничување на слободата на изразување, а со тоа да се нанесе штета во и така кревкиот медиумски сектор – велат во ЗНМ.

За Сојузот на синдикатите на новинарите слободата на говорот и работењето на медиумите во слободно опкружување и без притисоци мора да бидат загарантирани во секој случај и при спроведување на каква било акциска борба против лажните вести и дезинформациите.

– Имено, прашањето на лажните вести не е само политичко прашање и прашање на демократскиот капацитет на една земја, туку првенствено е прашање на медиумската писменост. Таа зависи од квалитетот на медиумите, односно од квалитетот на новинарските и уредничките кадри. Најавеното пропагандистичко-нормативно санкционирање на лажните вести не е гаранција за успешно справување со нив. Конечно, и многу поразвиени земји не успеале премногу во оваа битка. Значи, неопходни се суштински реформи во медиумската сфера со кои ќе се обезбеди опстанокот на квалитетните медиуми, кои ќе бидат гаранција за точна и навремена информација – велат во ССНМ и додаваат дека уште го разгледуваат предлогот од Владата и дека ќе се вклучат во јавата дебата.

Разузнавачи контра новинарите

Телото за кое ЗНМ вели дека има проблематичен состав и улога и кое според ССНМ ќе врши пропагандистичко-нормативно санкционирање на лажните вести е т.н. „Акциската група за борба против дезинформации и напади на демократијата“ што вчера ја најави премиерот Зоран Заев. Во неа ќе учествуваат претставници од канцеларијата на премиерот, на претседателот, Собранието, од кабинетите на министрите за комуникации, за внатрешни работи, за одбрана, за надворешни работи, од Агенцијата за национална безбедност, од Агенцијата за разузнавање и други.

– Нивна задача ќе биде анализирање и следење на појавите на дезинформирање на јавноста и координирање на борбата против нападите врз демократијата – најави завчера Заев.

Новинарот Бранко Героски во својата анализа за Плусинфо.мк вели дека во ова тело, целосно составено од извршната власт и од безбедносно-разузнавачките структури, нема ниту еден претставник на независна институција.

– Потребата од одговорно новинарство е неспорна, а долготрајното одбивање на Владата на Заев да воведе елементарна регулација на порталите остави простор на интернет да се појават парамедиуми и фејк-новинари, од кои некои се и миленици на власта. Потребата од регулација и саморегулација, иако неспорна, сепак, не смее да нѐ одведе во нов облик на правен и политички волунтаризам, кој можеби со право ќе биде оценет како обид за враќање на вербалниот деликт. Никој нема право демократијата да ја третира како своја сопственост, како вредност што само тој има право да ја толкува и да ја брани, обвинувајќи други за „напади врз демократијата“. Никој нема право да создава нови регулативни тела со овластувања какви што се предвидени во планот, без да дизајнира ефикасен систем на политичка контрола врз дејствувањето на ваквите тела. Затоа, Владата мора сериозно да го преиспита и да го редизајнира својот план за да поверуваме во она во што сите би сакале да поверуваме, дека намерите се благородни и чесни – пишува Героски.

Владата ќе пријавува профили на Фејсбук

Безбедносните мерки од Акцискиот план за борба против лажни вести главно се однесуваат на безбедносните протоколи за комуникација.

Со проактивните мерки е предвидена Стратегија за транспарентност со која ќе се создаде листа на документи и информации кои институциите ќе бидат задолжени да ги објавуваат и ажурираат. Владата ќе објавува официјални одговори на прашањата на медиумите и граѓаните, со цел да се спречи извртување на официјалните ставови. Акциската група и Владата ќе спроведуваат едукативна кампања од јавен интерес и внатрешна кампања за вработените во државната администрација за постоењето и штетното влијание на дезинформациите врз општеството. Најавена е и Национална стратегија за медиумската писменост и поголема застапеност на медиумската писменост во образовните програми.

– Акциската група активно ќе соработува со сите платформи на социјалните медиуми кои најчесто се користат за брза дистрибуција на дезинформациите. Ќе бидат известувани за профили и објави што шират дезинформации. Активно ќе се вклучи во програмите за информирање на граѓаните и за борба со дезинформациите. Владата ќе воведе јасни критериуми за медиумите кои се акредитирани да ги следат владините настани и прес-конференции, во согласност со стандардите на новинарската професија. Владата и институциите активно ќе соработуваат со сите организации и проекти кои работат на проверка на фактите, преку навремено и брзо одговарање на нивните прашања и ќе иницира организациите кои се бават со проверка на фактите да создадат регистар за утврдени и разобличени дезинформации и листа од изворите кои ги шират невистините – се вели меѓу дргото во Акцискиот план.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот