Патниците не се механичари, за своите пари очекуваат безбедност и удобност

поправка автобус
Поправка на автобус, Фото: Илустрација/Архива

Откако почна пандемијата, најголемите поплаки за туристичкиот превоз главно се однесуваат на просторните услови и непочитувањето на ковид-протоколите, велат од ОПМ. Добивале и жалби за непридржувањето кон возниот ред, собирањето на патниците по градови и оставањето на бензински пумпи, што ги претворало патувањата во кошмар.

Патниците што уплаќаат туристички аранжман со вклучен автобуски превоз, не се механичари за да знаат каква е техничката исправност на возилото, но за своите пари очекуваат сигурност, удобност и безбедност, вели за „Слободен печат“ Тања Тасевска од Организацијата на потрошувачи на Македонија (ОПМ). Од друга страна, туристичките агенции ангажираат превознички фирми и се потпираат на нивните информации за состојбата во која се наоѓаат автобусите или минибусите. Откако почна пандемијата, најголемите поплаки за туристичкиот превоз главно се однесуваат на просторните услови и непочитувањето на ковид протоколите, додава Тасевска. Претходно во ОПМ, добивале и жалби за неисправни автобуси, непридржување кон возниот ред, собирање на патници по градови и оставањето на бензински пумпи, што ги претвора патувањата во кошмар. Искуствата на патниците што се соочиле со вакви авантури, покажуваат дека таквиот ред на возење не им бил предочен кога уплаќале, па ни криви ни должни добиле гратис нервоза и бесплатно разгледување на некои попатни градови.

– Граѓаните не треба да знаат каква е техничката исправност на автобусот со кој ќе патуваат, тие сакаат добра услуга за парите што ги платиле. Во изминатиов период, најчесто се жалат на непочитувањето на здравствените мерки, пренатрупаноста на автобусите, неносењето маски. Минатите години имавме и поплаки за тоа дека патувањата до Грција се оддолжуваат, бидејќи попатно се собираат гости од Велес, Неготино, Гевгелија, а обратно се застанува тие да се истоварат. Сето ова без потреба ги прави нервозни патниците – вели Тасевска.

Од ОПМ се децидни дека и покрај поплаките, граѓаните не се решаваат да ги тужат туристичките агенции, бидејќи сметаат дека и покрај несоодветната услуга за цената на аранжманот што ја платиле, нема да добијат правна заштита, а ќе изгубат дополните средства и нерви.

– Во својата практика не сум сретнала ваков судски спор. Граѓаните не се охрабруваат да тужат, тоа е факт – оценува Тасевска.

Од јануари до септември годинава до ОПМ стигнале 1.325 поплаки од потрошувачите, а 12 отсто од нив се однесуваат на проблеми со туристичките услуги, по летната сезона.

– Најчест случај е откажување или одложување на пакет-аранжманите поради кризата со коронавирусот и ваучерите за патување, кои потоа не можеле да се реализираат, а туристичките агенции не сакаа да им ги вратат платените парични средства – забележуваат од ОМП.

Видео на денот