Патниците излегуваат од возилата, уплашени од таксиметрите

Такси возило кај порта Македонија / Фото: ''Слободен печат'' - Драган Митрески

Откако главниот град живее во невиден сообраќаен хаос, работата на таксистите е зголемена, ама патниците не се задоволни од долгото патување до својата дестинација. Се почесто се случува, вели за „Слободен печат“, Сашо Рајчановски, претседател на Групацијата за такси превоз – Скопје, патникот да влезе во возилото и по само неколку стотина метри да излезе од него. Грубите пресметки покажуваат дека ако заглавите во една ваква колона од Аеродром до Центар, ќе треба да потрошите и до 1.000 денари, велат дел од таксистите, потсетувајќи дека имаше денови кога десеттина метри се поминуваа за 15 минути.

-Откако нема приватни автобуси, би требало да имаме полни раце работа, ама замислете како ни беше нам деновиве, кога немаше „милост“ ниту за возилата на брзата помош. Дел од колегите не прифаќаа тури, бидејќи беше невозможо да се пробиете во хаосот – раскажува еден скопски таксист.

Претседателот на Групацијата за такси превоз, се согласува со констатацијата дека веќе подолго време владее сообраќаен хаос.Тој вели дека ќе поднесат предлог до градоначалничката Данела Арсовска со наједноставно решение за такси превозот, но не открива други детали. Ниту на граѓаните, ниту нам како бизнисмени, деновиве не ни е лесно, додава Рајчановски.

-Ако некој планирал да потроши, на пример 200 денари за такси превоз до својата крајна дестинација, а таксиметарот за почеток отчукал 70 – 80 денари, јасно е дека нема далеку да стигне во овој сообраќаен хаос. Метежот, невозењето на приватните автобуси, блокадите и протестите се „погубни“ за бизнисот, ама и за џебот на граѓаните. Таквите ситуации станаа се побројни оваа година, па патниците почнаа да излегуваат, иако не поминале со такси ни една третина од своето патување. Тоа значи дека колегите мора да останат во метежот, а турите им пропаѓаат со ваквото возење во празно. И сега замислете колку треба да бидат трпеливи колегите кои ја обезбедуваат својата егзистенција како таксисти, кога заглавено стојат со часови низ улиците“, објаснува Рајчановски.

И да не се високите цени на горивата, раскопаните улици и блокадите, со години останува нерешено прашањето со нелиценциpaните возила без таксиметри и неприjaвените такси-возачи.

„Во моментот низ улиците на Скопје возат 4.000 возила, а многу мал процент од нив се лиценцирани. Бројот на вработени е неколкукратно помал од реалната бројка на таксисти кои нелегално работат. Тогаш зошто имаме закони, одлуки, правилници со кои е регулиран такси- превозот, ако не се почитуваат -прашува Рајчановски.

Инаку по 11 години, од август, Скопјани се возат со поскап такси превоз. Првата тарифа е 40 денари старт, 25 денари за секој изминат километар и 300 денари чекање во место за еден час. Втората е 50 денари старт, 30 денари за секој изминат километар и 420 денари чекање во место за еден час и третата тарифа е 60 денари старт, 35 денари за секој изминат километар и 420 денари чекање во место за еден час.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот