Патниците го oчекуваат новиот билет, ЈСП чека одлука од Советот на Град Скопје

Автобус на ЈСП/ Фото: Слободен печат/Д. Митрески

Билетот од 120 денари ќе биде хартиен, како оној за едно возење, со вграден чип и ќе се валидира бесконтактно на валидатор.

Граѓаните што имаат потреба да се возат со автобусите на „ЈСП“ Скопје повеќепати на ден, но ваквата потреба не е редовна и поради тоа немаат извадено слободна карта за возење, секојдневно се во исчекување кога ќе биде пуштен во продажба најавениот билет од 120 денари, кој ќе можат да го користат за неограничено возење, на сите линии во текот на денот.

На почетокот  на месецов, Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ им најави на своите корисници дека наскоро ќе имаат можност за неограничено возење во автобусите во текот на денот со купување на овој нов билет. Според очекувањата, оваа нова услуга што ја нуди претпријатието, ќе ги мотивира скопјани многу почесто да користат автобус наместо автомобил и на тој начин позитивно ќе се влијае и врз подобрување на квалитетот на воздухот.

Дневниот билет очекуваме да биде пуштен во употреба наскоро, односно се чека на одлука од Совет на Град Скопје. Билетот ќе чини 120 денари, а ќе може да се користи за сите дестинации каде што сообраќа јавниот превоз, односно ќе важи за сите линии (градски и приградски) – информираат од ЈСП „Скопје“ од каде што објаснуваат и дека билетот ќе важи во периодот од 5 до 24 часот, со можност за неограничен број возења, односно преседнувања во автобусите.

Според најавите, новиот тип билет ќе може да се купи во билетарниците на ЈСП „Скопје“, а во план е да се продава и во хотели и други локации каде што има поголема фреквенција на туристи.

Како што информираат од јавното претпријатие, билетот ќе биде хартиен, како оној за едно возење, со вграден чип и ќе се валидира бесконтактно на валидатор.

Инаку, колку за потсетување и досега постоеше дневен билет, но се валидираше единствено од електронскиот паричник со „Скопска“.

Новиот билет сега ќе биде подостапен за корисниците, особено за оние што не поседуваат „Скопска“ (туристи, граѓани од внатрешноста, граѓани што инцидентно имаат потреба од јавен превоз и слично). Практично и ќе биде поевтин, имајќи предвид дека досега постојниот кој се валидира преку електричниот паричник од „Скопска“ чини 120 денари само за градски линии, односно 150 денари за сите линии (градски и приградски), а дополнителен трошок се и 150/200 денари за електронска картичка – заклучуваат од ЈСП „Скопје“ од каде што напоменуваат дека цената на сите други видови билети останува иста.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот