Патиштата ги градиме со КРЕДИТИ, а со ПАТАРИНИТЕ враќаме РАТИ! (ИНФОГРАФИК)

фото: Слободен печат/Д. Митрески

Средствата што се инвестираат во патната инфраструктура во Македонија, најголем дел се добиени од кредити.

Во годинешниов буџет на Јавното претпријатие за државни патишта, дури 57,4% од средствата се позајмувања од кинеската „Ексим банка“, Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), Светската банка (СБ) и Европската инвестициона банка (ЕИБ).

Од вкупните приходи планирани за 2019 година само 15,4% се од плаќањето патарина, стои во годишната програма за работа на ЈП за државни патишта.

За оваа година буџетот на ова јавно претпријатие изнесува 289,1 милиони евра. Од нив, приливите од кредити учествуваат со 165,8 милиони евра, додека приходите од патарина, патна такса и акциза за нафтени деривати изнесуваат 123,3 милиони евра. Годинава од финансиите што ќе ги оствари ЈП за државни патишта учествуваат со помалку од половина во вкупните приливи.

– Ако не се кредитите од Светската банка и од Европската банка за обнова и развој, ние ќе можеме тука и таму да направиме некаква рехабилитација, нов пат да се изгради еднаш во 5 години бидејќи тоа се огромни средства – посочува Китанов.

Но, од друга страна, дополнува тој, приходите од патарини, патни такси и акцизи за нафтени деривати се неопходни за навремена исплата на ратите од кредитите за патиштата што се веќе изградени.

Предвидениот буџет на ЈП за државни патишта годинава ќе се полни и од нова наплатна рампа кај Гевгелија, која ќе се пушти во употреба за 10 – тина дена. Од неа ќе се собира патарината за користење на автопатот Демир Капија – Смоквица, по кој се вози повеќе од една година без плаќање на задолжителниот надоместок.

До наредната пролет ќе бидат изградени наплатните рампи кај Демир Капија, заедно со наплатните рампи „Кадрифаково“ и „Преод“ на автопатот Миладиновци – Штип. Патарината кај селото Арбиново на идниот автопат Кичево – Охрид, а ќе се пушти во употреба заедно со неговото отворање до 2021 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот