Патарината кај Гевгелија ја прели чашата, плаќаме најмногу во ЕУ

фото: Слободен печат

Новата патарина кај Гевгелија од 100 денари ја прели чашата. Социјалните мрежи вријат од коментари, возачите негодуваат, а власта убедува дека имаме најевтини патарини. Но, ако се направи споредба со тоа колкав пат се поминува за одредена цена, математиките покажуваат дека во Македонија најскапо се вози по патиштата.

Од Скопје до Гевгелија и назад треба да се потрошат дури 560 денари. Скапо е и ако се вози од Скопје до Охрид и назад. Засега тоа чини 280 денари, но практично за патот до Гостивар, а со изградбата на новите автопати, ќе има и нови патарини.

Невладината организација „Матаморфозис“ во рамките на проектот „Анализа на податоци за транспарентност и отчетност“ (Д.А.Т.А.) ги објави цените на патарините во регионот и од нив може да се заклучи дека во Македонија е најскапо користењето на патиштата. Цените се однесуваат за локалното население и се претворени во денари.

Само од Велес до Скопје и назад, ако некој патува секој ден, треба да плати 4.560 денари месечно. Оддалеченоста од Скопје до Велес е 55 километри. За малку поголема оддалеченост во Србија, односно за 63 километри од Белград до Смедерево, во двата правца месечно треба да се платат 3.800 денари. Во Грција, пак, за патот од Катерини до Солун, или за 70 километри се плаќаат 2.860 денари во двата правца месечно за тамошното население.

Во Европа се многу актуелни вињетите што значат плаќање на патарина, но без застанување на рампи. Според сајтот Толлс. еу, во Бугарија има можност за онлајн плаќање при што месечниот износ е 15 евра, а годишно 48 евра. Вињетка во Австрија за 10 дена чини 9,20 евра, месечна вињетка нема, за два месеци чини 26,8 евра, а за една година – 89,2 евра. Во Романија вињетата за 7 дена чини 6 евра, еден месец 16 евра, а за една година 96 евра, додека во Словенија неделно се плаќа 15 евра, месечно 30 евра, а годишно 110 евра.

Во Германија, иако има многу добри патишта, патарина се плаќа само за возила потешки од 7,5 тони, забележува сајтот Толлс.еу.

Освен цената, проблем со патарините во Македонија е и нивната оддалеченост, односно тие се многу блиску поставени во однос на километрите и го забавуваат патувањето.

Во Македонија по многу најави годинава конечно се пушти автопатот Миладиновци – Штип во должина од 47 километри и власта се пофали дека може да се патува за 40 минути, но на толку мало растојание има дури две патарини.

Упатените сè погласно зборуваат дека Македонија станува рекордер по цените на патарините. Ако некоја земја и има поскапи патарини, населението има поголеми плати, така што реално Македонците додека се возат низ својата земја, за патарини издвојуваат многу повеќе отколку граѓаните на други земји.

Од друга страна, покрај тоа што за одржување на патиштата се плаќа директно на самите патарини, за оваа намена се издвојуваат пари и при регистрација на возилата, како и од акцизата на горивата.

Годинава само од патарините за 7 месеци се собрани 23 милиони евра.

До дома преку патарина

Но не само кога се патува на „долги патеки“, граѓаните се жалат дека патарина треба да платат и за да си одат дома, односно дека патарините се несоодветно ставени.

– Од Скопје до Катланово има патарина. Треба да се платат 40 денари на патарината кај Петровец. Навистина може да се оди и по стариот пат кој е обновен, но сега откога се направи тој пат, сите вртат и ја избегнуваат патарината. Проблем е што вртат и големи камиони иако тоа е спротивно на регулативата. Па така, многу често одам преку патарината место по стариот пат кој стана небезбеден – вели жител од Катланово, кој ни прати слики од хаосот по стариот пат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот