Партнершип

Влегуваме во последната недела од историскиот ден, кога Европскиот совет треба на Република Северна Македонија, а можеби и на Албанија да им даде зелено светло за почеток на преговорите со ЕУ. И нашата дипломатија финишира. Еуфоријата кај коалициската влада расте. Опозицијата бае да не успееме. Нови партии со нови лидери се на повидок, што значи и предвремени избори. Соседите не мируваат.

Предупредуваат за неопходната дисциплина при исполнувањето на договореното во историските договори. Венецијанската комисија со толкувањето на драфтот на Законот за јазиците внесува нервоза во коалициското партнерство. Домашните афери растат, а бегалецот од Будим сеири. Паланечките автобуски станици потсеќаат на доковите на атлантските пристаништа каде што илјадници осиромашени се стискаа да влезат во паробродите што пловеа кон Новиот свет. Нашиве ги полнат автобусите на веќе познатите туристички тури со билети во еден правец. Одамна заминатите нашинци имаат веќе и свои гробишта во т.н. дијаспора. Остануваат засекогаш.

Власта е, како што ѝ доликува, полна со оптимизам. А има и зошто. Поддршката доаѓа од сите страни. И од таму каде што има резерви, ќе пристигне абер дека дојде денот за почеток на преговорите со ЕУ. Привремениот министер за надворешни работи на Австрија, Шаленберг, небаре инспириран од мојата неодамнешна колумна во „Либертас“, на малку помладиот наш министер, му соопшти дека почетокот на преговорите го потсетуваат на велосипедската трка „Тур де Франс“, со пророшките зборови „не треба да се има дилеми кој треба да застане на почетокот на трката“, односно дека „не треба да има дилеми кој треба да застане на почетокот на трката“ истовремено тангирајќи ги главните актери на „Турот“. Тоа е термин за партнерство што сегашнава владина гарнитура милува да го користи. По предвремените парламентарни избори во Австрија (по скандалот со Штрахе), најверојатно на власт се враќа старата тиркизно-сина коалиција, односно Народната и Слободарската партија. Сегашниот сојузен министер Шаленберг, веројатно како независен, односно непартиец, како што и доликува на еден професионален дипломат, ќе замине некаде за амбасадор.

Да се вратам на терминот партнерство, кој погрешно се употребува и користи како круцијален доказ дека повлекуваме корисни чекори во дипломатијата. Покрај овој термин, во употреба е уште еден кој паралелно се користи. А тоа е прилогот традиционално. На почетокот на нашата независност, ние не успеавме да ги идентификуваме нашите партнери, а осoбeно не оние стратешки. Тие нас нè избраа врз основа на нивната долгорочна геостратегија и актуелните настани во регионот. Терминот на нашата независност коинцидира со колапсот на феудалната (никогаш не била комунистичка) Русија, која беше на колена по исцрпувачката нерамноправна борба во трката во наоружувањето и ширењето на интернационализмот што скапо ги чинеше. Сегашниот економски, па и политички колос Кина, не беше азиски змеј, туку азиски слеп глушец.

Ние немавме никаква дипломатска стратегија кон овие две велесили, а и спрема влијателните европски, па и соседните држави. Руската дипломатија со испраќањето на првиот нивен амбасадор, не покажа дека е ново време кое бара и нови методи. И ние не бевме во тој поглед подобри. Ги протеравме Кинезите од Скопје поради Тајван, а милијардата долари исчезна. Кинезите не забораваат и затоа е добро што проблемот со името не дојде за решавање во Советот за безбедност. Американската дипломатија не беше изненадена со развојот на настаните на Балканот. Ја согледаа опасноста од загрозување на независноста на нашата држава. „САД се враќа на голема врата во регионот“, прозборе со познатата насмевка нашиот претседател, со левата рака во џебот од панталоните за време на прошетката во некогашната „вила на Лазо“.

Не, претседателе, таа секогаш била во регионот. Не слушнавме наши реакции (а можеби и немало) на добронамерните укажувања на државниот секретар Помпео за руските ботови и кинеските тролови кои се присутни во регионот, небаре САД не е присутна. Испраќаа врвни дипломати кај нас како амбасадори. На почетокот и ние.

Но последните дваесетина години не се чувствува дека имаме амбасадор во САД. Исклучок е, секако, периодот кога сегашниот наш министер беше амбасадор. Додуша, тоа не беше сосема во склад со дипломатскиот непотизам, не по негова вина. Иста е ситуација и со Лондон, Берлин, Париз, Њујорк, Пекинг. Како тоа, а сме стратешки партнер? Партнери ќе станеме кога ќе бидеме 30-та членка на НАТО и полноправна членка на ЕУ. Партнер се станува, а не самоименува. Во американската дипломатска терминологија кога зборуваат за партнерство со РСМ, веројатно мислат, пред сè, на fellow. Партнер на САД е, нa пример, Турција, што не ја аболира од партнерска одговорност кога се во прашање американските стратешки интереси. Ако на ова додадеме дека често во глорификацијата на нашите добри односи нагласуваме дека се традиционални, макар што 25 години не се и некоја традиција на која треба да се повикуваме.

Нашиот млад министер е повнимателен е во тој поглед. Тој повеќе милува ставовите и очекувањата од Европа внимателно да ги оценува со модифицираниот термин, кој кај нас го афирмира познатиот професор, а кој асоцира на Вавилон. Изразува загриженост дека недобивање на датум може да го загрози мирот во регионот, а за време на дебатата во МНР, на темата „Договорот од Преспа“ наведе дека „неиспорачувањето датум за преговори од страна на Европсkиот совет (17-18 октомври) може да испрати порака дека Европа не е сериозна кога донесува заклучоци“. А ние сме, нели, сериозни во исполнувањето на обврските.

Одбројувањето започна. Гледаме во швајцарскиот часовник. Коалициските партнери складираат француско (а кое друго вино) на слепиот бенедиктински опат Дом Перињон. Бутилки шампањ се ладат. Прават сè само не ги објавуваат тимовите на експертите кои треба да преговараат со алигаторите од ЕУ по 35 точки. А тврдиме дека сме подготвени за почеток. Опозицијата има подготвено свое соопштение дека одлуката е, сепак, условена. Потврда ќе стигне и од Будим. Претпоставувате од кого. Пописот го баталивме, кој сега на тоа ќе мисли. Законот за СЈО се усогласува во дијалогот меѓу глувите и немите. Парламентот инаку е единствено заеднички дом на претставниците на политичките партии во кој од тие позиции дискутираат за подобрување на благодатот за народот кој, пак, редовно гласа за некого, одрекувајќи се дури и од надоместокот за превоз до работното место. Народот е сит од сè. Како и да е, ќе осамне и 18 октомври, сончев или дождлив, сеедно. Сè ќе биде исто.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот