Партиско хакирање на убавите идеи

Фото: Слободен печат

Немам никаква намера да изразам негативно мислење за масовните протести што во петокот се одржаа во Скопје, кога илјадници жители на главниот град се собраа на маршот барајќи почист воздух за дишење.

И барањето, но и начинот на протестирање се легитимни, па затоа воопшто немам намера до го коментирам протестот, освен да додадам дека организаторите ја имаат мојата поддршка. Тоа што би сакал да го дискутирам е за едни други протести, кои не така одамна ги освоија моите симпатии. Се разбира дека мислам на „Шарената револуција“, која како и денешната „Зелена“, амбициозно се зафати со менување на штетните појави во нашето општество.

Нулта точка на „шарените“, иако тоа можеби во тој момент и не било де факто така, беа протестите на студентите по архитектура, кои протестираа против градењето црква на плоштад, сметајќи дека тоа архитектонски би го нагрдило јавниот простор. Но, тогаш Никола Груевски беше на своите најсилни позиции, па протестот го реши со тепачка помеѓу верниците и студентите, за да по кратко и самиот се откаже од идејата за градењето на црквата на плоштад, но не и од гротескниот „Скопје 2014“.

Потоа долго време немаше никакви сериозни протести, сè до она собирање на „рекорд“ каде што Бранко Црвенковски со малобројното друштво пееше „Бела чао“. Но и тоа заврши, Бранко беше заменет со Заев во СДСМ, кој го радикализираше своето опозиционерство со обелоденувањето на незаконски снимените разговори, кои народски ги нарекуваме „бомби“. Речиси во исто време се официјализираше и граѓанската платформа од која произлезе „Шарената револуција“, која на секојдневни протести успеваше да донесе илјадници незадоволни неистомисленици.

По кратко време пукна „бомба“ за убиството на младиот активист на ВМРО-ДПМНЕ Мартин Нешковски, односно обидот врхушката да ја забошоти истрагата, по што се случија и првите насилни протести кога гневните протестанти се обидоа насилно да влезат во Владата, предизвикувајќи отворен судир со полицијата. Не сум сигурен дали тоа беше моментот кога СДСМ ги презеде конците од „шарените“ или тоа се случи подоцна, но токму тогаш владеењето на Никола Груевски почна да тоне. Но тоа не одеше бргу.

Бесот на граѓаните се мултиплицираше кога на виделина излегоа причините за смртта и на малата Тамара. Таа со години чекаше да замине на лекување во странство, но нејзиниот случај остана заглавен во лавиринтите на коруптивната бирократија. Тамара стана вториот симбол на протестите заедно со Мартин, а како мантра се повторуваше дека парите потрошени за мерцедесот на Грујо, можеле да ја спасат не само Тамара туку уште стотици други болни ангели што чекаат на лекување.

Режимот падна по оние драматични случувања во Собранието, а народот конечно доби надеж дека правдата ќе биде спроведена во оваа наша земја. Се разбира дека ништо од тоа не се случи. Убиецот на Мартин Нешковски, Игор Спасов, разбравме дека бил пуштен од затвор за да се лекува, по што се губи неговиот траг. Ниту Тамара не доби правда, па нејзиниот дедо самиот се обиде да му пресуди на поранешниот министер за здравство Никола Тодоров. А тоа на „М“ скапува во некоја гаража на МВР, како парадигма на пропаднатите надежи за градење на праведно општество.

Ова го пишувам како предупредување. Протестите за чист воздух се одлични. Единствената работа што ме плаши е тоа што се масовни, па само прашање на време е кога некоја политичка партија ќе се обиде да ги хакира.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот