Партиските препукувања за одговорноста на Гаши открија нови детали за тоа како Вјоса Османи кршела процедури

Вјоса Османи / Фото EPA-EFE/JULIEN WARNAND

Не стивнуваат партиските препукувања околу одговорноста на собранискиот спикер Африм Гаши кој го испрати својот шеф на обезбедување да ѝ помогне на косовската претседателка Вјоса Османи безбедно да помине низ аеродромското обезбедување на скопскиот аеродром, притоа репетирајќи пиштол и заканувајќи се кон полицајците  задолжени за безбедноста на аеродромот.

Од владејачката коалиција се задоволни што за инцидентот се лоцирани одговорните – шефот на обезбедувањето на Гаши и уште двајца полицајци и против нив се преземени мерки, па тоа е доволно и нема потреба од смена на собранискиот спикер. Дури и министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, тврди дека единствена кривична одговорност согласно доказите има полицискиот службеник, дел од обезбедувањето на спикерот Гаши.

Но, СДСМ останува на ставот за политичка одговорност на „нарачателот“ Гаши, а Левица до Собранието ќе поднесе барање за негова интерпелација.

„Малку требаше за Мицкоски да си ги погази своите ветувања дека секој функционер кој се огрешил ќе одговара. Тоа ќе важи изгледа само за обичните граѓани, но не и за политичарите од неговата коалиција. Мицкоски коленичи пред Гаши и ова е жално за гледање. Ниту СДСМ ниту кој било друг не напиша јасно во полицискиот извештај дека е издадена ‘незаконска наредба од страна на претседателот на Собранието‘. Треба ли поголем доказ од ова? За жалење е и министерот Тошковски кој наутро во извештајот пишува незаконска наредба од Гаши, а вечерта го брани дека немало основа за кривична одговорност. Сè што е спротивно на Законот носи правна одговорност и ова е класично замижување пред правдата со цел да се спаси коалицијата. Сè она за што ВМРО-ДПМНЕ го обвинуваше СДСМ, сега самото ДПМНЕ го прави во двојно поголеми размери“, реагира СДСМ.

Опозициската партија го повика Мицкоски да се одважи и да го смени Гаши зашто „само така ќе докаже дека стои на својот збор за одговорност на политичарите“.

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ остро возврати со делови од извештајот за дрско однесување на косовската претседателка Вјоса Османи на скопскиот аеродром за кој велат, тогашната власт на СДСМ не ги обелоденила овие инциденти. Нивното соопштение сепак открива дека, бидејќи Османи летала со комерцијални летови, поради нејзиното непочитување на процедурите бил известуван капетанот на летот на компанијата.

„По доаѓањето до ВИП-секторот, меѓу одговорниот за протоколот на делегацијата и службата за безбедност на аеродромот, дошло до недоразбирање бидејќи истиот, повикувајќи се на дипломатскиот имунитет на претседателката, не се согласил личниот багаж на претседателката на Косово да се провери во скенер“, се наведува во записникот од 16.09.2023 година што го открива ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата додаваат дека истата ситуација се повторила и на 9 октомври кога косовската страна тврдела дека благодарение на дипломатскиот имунитет, багажот на претседателот не треба да се проверува.

„Откако стигнале до ВИП-секторот, на одговорното лице за безбедноста на делегацијата и раководството на протоколот (тој ден било лицето Д.М. со матичен број 5785) (од косовската делегација) било кажано дека не се согласуваат личниот багаж на претседателката на Косово да влезе во контролата на скенерот. Причините за тоа се засноваат на дипломатскиот имунитет на претседателката. Од страна на капетанот на летот и претставник на ‘Кроација ерлајнс‘, повикувајќи се на меѓународните стандарди и националната програма за безбедност, истакнато е дека додека не дозволат проверка на багажот, истата нема да биде прифатена на летот“, се наведува во записникот од 09.10.2023 година. Тогаш МВР молчело, а СДС и ДУИ биле на услуга на кршењето на законите. СДС со чаршав соопштенијата си пука во слепоочница“, напишаа од ВМРО-ДПМНЕ.

СДСМ вчера потенцираше дека во нивно време немало „пиштолџии“ кои доаѓале на аеродромот да му се закануваат на обезбедувањето кое професионално ги спровело процедурите, немало јавување по телефони и политичко влијание од страна на ниеден политичар и затоа немало ниту скандал.

Деталите кои ВМРО-ДПМНЕ ги објави денеска, премиерот Христијан Мицкоски при средбата со косовскиот колега Албин Курти во понеделникот најави дека ќе се најдат во деталниот извештај кој македонските власти го подготвуваат за инцидентот на скопскиот аеродром и кој ќе биде доставен и до косовските власти.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот