Партиски реакции за поскапувањето на струја: Бизнис за СДСМ или финансирање на ВМРО- ДПМНЕ?

сметки струја ЕВН сметка
Сметки за струја. / Фото: Драган Митрески / Слободен печат.

ВМРО-ДПМНЕ продолжува со протест и утре пред Регулаторната комисија со почеток во 14 часот.

Постизборното поскапување на струјата предизвика низа протести на граѓаните во повеќе градови од Македонија, а вчера протест организираше и опозициската ВМРО- ДПМНЕ. Тие најавија и нов протест за утре.

-Поминаа дваесетина часа од протестот против поскапувањето на струјата на која ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата и граѓаните побараа неколку работи. Прво поевтина струја и секако професионализација на регулаторната комисија и оставка на партиските инсталации во комисијата на чело со претседателот Марко Беслимоски. Имаме апсолутен молк од владата, Зоран Заев и неговите инсталации во Регулаторната комисија, изјави Дарко Јанушев, генерален секретар на ВМРО -ДПМНЕ.

Тој на прес конференција запраша зошто е таков отпорот од власта и мафијата на Заев во однос на нашите барања за покачување на цената на струјата?

– Имаме молк затоа што имаат бизнис интерес од тоа. Еве и како. Вчера бизнисменот Силјан Мицески јавно кажа дека бил финансиер на СДСМ. Тоа никаде го нема во финансискиот извештај на СДСМ. Но затоа истиот ден кога тоа го кажа се појави овој документ, потенцираше Јанушев.

Тој презентираше Договор за коп на јаглен со РЕК Битола вреден 6 милиони и 250 илјади евра.

-Значи, финансиерот на СДСМ кој сам си кажува дека ги финансирал, а притоа никаде го нема тоа во извештајот на партијата, си добил работа од 6 милиони 250 илјади евра од РЕК Битола за ископ на јаглен. Поскапувањето на струјата значи бизнис за СДСМ. Мафијата си продолжува со профит. Мафијата продолжува со бизниси. Затоа, ние продолжуваме со протест и утре пред Регулаторната комисија со почеток во 14 часот, еден час со автомобили ќе ја блокираме раскрсницата и пристапните улици пред Регулаторната комисија, рече Јанушев.

На ова реагираше владејачката партија со соопштение.

– ВМРО-ДПМНЕ не можат да помират со тоа што граѓаните веќе не им веруваат на нивните лаги и лицемерие и затоа упорно продолжуваат со деструктивното и неодговорно дејствување. Ниедна лажна вест, ниеден таканаречен протест, не го сокрива фактот дека токму ВМРО-ДПМНЕ ја поскапи струјата за 100 отсто, ниту фактот дека ВМРО-ДПМНЕ всушност се финансирала од поскапата струја што ја плаќаа граѓаните и стопанството, стои во соопштението на СДСМ.

Според партијата, поранешниот директор на АД ЕЛЕМ во судско сведочење јавно кажал како носел пратки кај тогашниот генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ Кирил Божиновски и како Божиновски му се јавувал да ургира компании кои добиле тендери од тогашното АД ЕЛЕМ, да и помогнат на партијата ВМРО-ДПМНЕ.

-Сите лаги на ВМРО-ДПМНЕ се разоткриени, затоа граѓаните ги казнуваат на три последователни избори и затоа не се приклучуваат на лицемерните протести на губитникот Мицкоски. ВМРО-ДПМНЕ не знае за ништо друго освен да брани криминал и да шири лажни вести. И самиот Игор Јанушев за кој има предмет, за злоупотреба на службена положба каде се сомнева дека го оштетил буџетот за 5 милиони евра, очигледно кога вели мафија мисли на себе и ВМРО-ДПМНЕ. Правда ќе има за секој, тоа е најголемиот страв на Јанушев и ова деструктивно ВМРО-ДПМНЕ на поразениот Мицкоски, соопштуваат од Центарот за комуникации на СДСМ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот