Партиска треска за општински „кмет“

EPA/GEORGI LICOVSKI

Повеќето од досегашните градоначалници од редовите на СДСМ веќе ги формализираа своите кандидатури за уште еден мандат и ги доставија на раководството на партијата за верификација. Велимир Смилевски, актуелниот градоначалник на скопската општина Бутел, повторно ќе се кандидира, истото го најавија и градоначалниците на Битола, Кисела Вода, Ѓорче Петров, Скопје, Куманово, Охрид… Сите тие се надеваат дека СДСМ токму нив ќе ги избере за да ја трчаат градоначалничката трка за уште еден мандат.

Партиски извори во СДСМ велат дека на сегашниот градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски, кој најверојатно ќе се кандидира како независен, противкандидат ќе му биде Оливер Илиевски, кој веќе јавно ги искажал своите амбиции. Во исто време на социјалните мрежи се води црна кампања против Димитриевски, во која се повикуваат Албанците да не гласаат за него, бидејќи тој, наводно, бил просрпски и проруски настроен.

Градоначалничката на Битола, Наташа Петровска, изјави дека ќе ја бара довербата на граѓаните за уште еден мандат. Ваквата одлука ја донела откако била предложена во најголемиот број месни организации на СДСМ, но за истата кандидатура интерес пројавиле уште петнаесетина конкуренти.

Кандидатура до СДСМ поднел и градоначалникот на Кисела Вода, Филип Темелковски, но таа не е потврдена од „централата“ на партијата. Од друга страна, Александар Наумовски, градоначалник на Ѓорче Петров, со сигурност изјавува дека ќе биде кандидат на СДСМ за уште еден мандат.

Градоначалникот на Аеродром, пак, Златко Марин, е во тесна битка за да ја добие довербата од социјалдемократите за уште еден мандат, во конкуренција со членот на општинската организација на СДСМ Аеродром, Александар Филиповски.

Скопскиот градоначалник Петре Шилегов јавно доби поддршка од премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев и извесно е дека тој ќе се трка за уште еден мандат за Скопје. Заев неодамна изјави дека дел од актуелните градоначалници на СДСМ повторно ќе бидат кандидати за функцијата, при што посебно издвои неколку општини во земјава, како Валандово, Богданци, Конче, Кочани, Старо Нагоричане, Крушево, Маврово-Ростуше, Демир Капија… Од СДСМ најавија дека првите имиња на кандидати за градоначалници од редовите на СДСМ ќе бидат познати на 13 јули на седница на партиското раководство.

Некогашниот градоначалник на Скопје, од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Коце Трајановски, повторно е во игра за прв човек на главниот град, иако се спомнува и кардиологот Сашко Кедев. За Скопје со нејзин кандидат ќе „трча“ и коалицијата Алијанса за Албанците – Алтернатива.

Градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев побара партиска поддршка за да ќе се кандидира повторно за градоначалник на оваа општина, но засега нема одговор од партијата. Се зборува дека во случај да не добие поддршка, поради неговите критички ставови во партијата, Јанчев може и самостојно да се кандидира. ВМРО-ДПМНЕ сè уште не се изјаснува и вели дека до средината на овој месец ќе бидат соопштени дел од кандидатите.

Демократската унија за интеграција (ДУИ) по третпат ќе им даде можност да се натпреваруваат на Теута Арифи во Тетово, Рамиз Мерко во Струга, Фатмир Дехари во Кичево, Блерим Беџети во Сарај, Невзат Бејта во Гостивар. По вторпат ќе се натпреваруваат и Висар Ганиу за Чаир и Еркан Арифи за Липково.

Од коалиција Алијанса за Албанците и Алтернатива, според најавите на Зијадин Села, за уште еден мандат ќе се борат Арбен Таравари во Гостивар, Албон Џемаили во Боговиње и Исен Шабани во Врапчиште.

ДПА на Мендух Тачи најави дека за Тетово ќе го кандидира Сади Беџети, кој беше на оваа функција од 2009 до 2013 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот