Партиите во последна битка за и против „бомбите“

Собрание / фото: Влада на РСМ

Се прават последните обиди да се соберат сите пратенички групи за да се донесе законот за јавно обвинителство, иако ставовите на власта и на опозицијата се дијаметрално спротивни и речиси непомирливи.

Претставници од сите пратенички групи вчера попладне во Собранието требаше да ги усогласат ставовите во последниот обид да се обезбеди двотретинско мнозинство за усвојување на законот за јавно обвинителство пред распуштањето на пратениците на 12 февруари.

Експремиерот Зоран Заев вчера ја повика „опозицијата да се надмине себеси и со прифаќање на законот да докаже дека е против криминалот и дека е за владеење на правото“, а опозицискиот лидер Христијан Мицкоски категорично одби да гласа, како што вели за „противуставен“ закон, чии одредби „се во директна колизија со Законот за кривична постапка кој не  познава незаконско следење на комуникациите и т.н. кривични дела поврзани кои произлегуваат од нивната содржина“.

Од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ вчера го побараа на увид законот што треба да го гласаат (иако тој десетина дена е јавно достапен на сајтот на Министерството за правда), и побараа итно да се закаже јавна расправа во која ќе се вклучат и меѓународни претставници за целосна транспарентност на процесот, по која партиите ќе ги приближеле ставовите. Неизвесноста околу формирањето двотретинско мнозинство за законот – кој од Европската комисија ни се поставува не како нужен, туку како потребен услов за датум за преговорите за членство во ЕУ – ја зголемуваат и албанските партии кои се уште јавно не дале поддршка.

Заев повторно ги повика сите политички субјекти и пратенички групи да преземат одговорност и да бидат решавачки фактор кога е во прашање правната држава и европската иднина на земјава.

– Високи претставници на ЕУ се повеќе ја нагласуваат потребата за носење на овој закон, а тоа се поврзува со датумот за отпочнување на преговори со Унијата. Сите демократски капацитети во државата и сите нејзини сојузници се залагаат за законско решение што ќе гарантира дека политичарите и политиката ќе бидат настрана од правосудството и дека политичарите нема да бидат обвинители. За сите актуелни случаи и предмети, без разлика на кого се однесуваат вклучително и сите предмети и случаи на СЈО, мора да се гарантира професионална и ефикасна разрешница – истакна Заев.

Тој информира дека министерката за правда Рената Дескоска ги повикала сите парламентарни групи за да го отворат законот и да почне дискусијата, со цел законот брзо да се финализира, затоа што „работата повеќе не може да се одложува“.

За ВМРО-ДПМНЕ законот е неприфатлив. Мицкоски тврди дека со него се крши Уставот, а Обвинителството се става под контрола на власта. За него носењето квалитетен закон за јавно обвинителство би значело решение со кое „Заев и неговата екипа ќе треба да одговараат и да се докажуваат за сите обвинувања за криминал и афери и затоа последниот кој има интерес  од квалитетно решение е Заев.“

– Му се наметнува обврска на Советот на јавните обвинители да ги префрли обвинителите од СЈО во рамките на новото обвинителство за организиран криминал, што е противуставно и противзаконски. Начелото на единственост на ЈО, утврдено во Уставот, не дозволува основање и укинување други паралелни обвинителства, како што предлага СДСМ. Не се води сметка ни за уставното начело на двостепеност во заштитата на правата на јавните обвинители, а има и нееднаков третман на јавните обвинители и повторно се прави паралелизам во ЈО сличен на оној што беше со СЈО – рече Мицкоски.

Тој има проблем и со изборот на републичкиот јавен обвинител што го врши Собранието по предлог на Владата и по прибавено позитивно мислење на Советот на јавни обвинители, и според него, изборот е политичка проценка и одлука на одредено мнозинство во Собранието.

Според министерката Дескоска, клучен проблем за ВМРО-ДПМНЕ  и камен на сопнување во преговорите се надлежностите околу гонењето на кривичните дела кои произлегуваат од прислушуваните разговори.

– Тие не сакаат со новиот закон да се признае надлежноста на Обвинителството за гонење организиран криминал да продолжи да ги гони. Очигледно е дека ним таа надлежност им пречи. Она што најмногу ме загрижува е нивното барање целосно да запрат постапките, односно да нема надлежност за гонење кривични дела коишто произлегуваат и се поврзани со незаконското следење на комуникациите. Тоа е всушност запирање на сите постапки коишто беа покренати од СЈО – рече Дескоска и додаде дека ВМРО-ДПМНЕ треба да се соочи со фактот оти трансферот на предметите е завршена работа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот