Партиите славеа победа, но всушност загубија
Ме радува што и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ вчера славеа победа, но јас најблиску сум до мислењето дека сите загубија, бидејќи освоија помалку гласови отколку на претходните избори, вели аналитичарот Александар Кржалоски, коментирајќи го исходот од вчерашното гласање на претседателските избори.
– Малиот одѕив беше сериозна порака што ја испратија граѓаните која на партиите треба да им покаже дека работите не одат како што треба и дека мора да размислуваат за генерално ресетирање на политиките во државата – вели Кржалоски.
Тој истакнува дека тоа што двајцата кандидати кои одат во втор круг се многу блиску според освоените гласови дава надеж дека во вториот круг ќе се достигне цензусот, кој значи 723.000 гласови.
– Во секоја друга ситуација, поради малата излезност во првиот круг, ќе речев дека цензусот во вториот е недостижен. Но самиот исход од гласањето во првиот круг ја прави интересна претседателската трка и ги мотивира луѓето да излезат да гласаат – вели Кржаловски.
Аналитичарот Владмир Божиновски смета дека тоа што Стево Пендовски и Гордана Силјановска Давкова заедно освоиле 640.000 гласа, наспроти оние 723.000 колку што се потребни за изборите да не пропаднат, се уште го држи отворено прашањето дали во вториот круг ќе има цензус.
– Во првиот круг очекувавме излезност од околу 45 отсто, но тоа не се случи. Дел од граѓаните бојкотираа, некои се разочарани од политиките на власта, Албанците исто така не видоа интерес за да излезат на гласање. Вината за малата излезност треба да се бара и во лошите политички кампањи кои не успеаја да ги мобилизираат гласачите. Постои одреден ризик дека изборите ќе пропаднат – објаснува Божиновски.
Билјана Бејкова од НВО Инфо центар за малиот број освоени гласови од страна на кандидатот на СДСМ, наспроти триуфот на локалните избори, вели дека големото незадоволство на граѓаните од владеењето на СДСМ и ДУИ ги даде очекувани резултати во првиот круг на гласањето на претседателските избори.
– Граѓаните очекуваа длабока демонтажа на режимот на ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски во сите сфери на општетсвото. Очекуваат режимските криминалци и злосторници да одговараат. Очекуваат правда и непречена работа на СЈО. Народот очекува почеток на темелни реформи, департизација на институциите, подобри услуги од институциите, како на национално така и локално ниво. Власта не го испорачува она заради кое го доби мандатот и граѓаните решија своето незадоволство да го искажат на овие избори – вели Бејкова.
Таа и препорачува на власта, наместо вината да ја префрла на граѓаните, многу сериозно и одговорно да ја разбере нивната порака.