Партиите предизборно почнаа да ги товарат автобусите за да си ги одмерат силите

Зошто партиите СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, и другите, своите маршoви, митинзи и протести ги „надградуваат“ со луѓе донесени од градови и села низ цела Македонија? Синоќешниот митинг на ВМРО-ДПМНЕ, како и тој пред десеттина дена на СДСМ, се уште еден доказ за ваквиот јавен впечаток. Сликата иста, но овојпат со црвена боја. Граѓани истоварени од автобусите и автомобилите со регистарски таблички од други градови итаа од скопска Автокоманда до зборното место – Судската палата за да слушнат што ќе каже партискиот лидер. Останатите улици од овој дел на градот, Аеродром, Ново Лисиче, останаа празни. Носењето луѓе со автобуси за партиски цели, според извршната директорка на Хелсиншкиот комитет, Уранија Пировска, е доказ за политичката култура на партиите, кои, пак, тоа го сметаат за нормално.

– Тенка е границата што е воља, што е личен избор, а што наметнато прашање. На крај се се сведува на шпекулации, бидејќи се зависи од оние кои излегуваат на улица, по наредба или директива на партијата. Сите луѓе не подлегнуваат на притисоци. Треба да бидете податлив субјект за да ве стават под притисок. Но за жал најчеста мета се ранливите групи. На пример, во време на Груевски слушавме како се даваат социјални бенефцииции за граѓаните да излезат да гласаат. Тоа е нешто што е опасно, нешто со кое политичката елита манипулира. Тука ја гледам суровоста на сето ова на оној кој ветува нешто, дека ќе добијат некакви бенефиции доколку излезат на улица. На крај самите тие по своја воља излегуваат на улица. Има и процент на такви кои веруваат во тоа што го прават. Подлегнувањето на притисоци е нешто на што сме биле сведоци во поранешните изборни процеси особено во времето на Груевски кога беше јасно дека дека државната администрација му служи како гласачко тело – вели Пировска за „Слободен печат“.

Од друга страна, сведоци сме дека партиите со денови дебатираат за тоа кој имал повеќе луѓе на собирите. Според ВМРО-ДПМНЕ, на нивниот марш за правда имало повеќе луѓе отколку на маршот на СДСМ. И обратно, од СДСМ тврдат дека собрале многу повеќе луѓе и дека Мицкоски доживеал дебакл.

Политичкиот аналитичарот Владимир Божиновски во изјава за Слободен печат, вели дека бројката на граѓани на протестите зависи од самамата оправданост на протесот.

– Политичките партии секогаш сакаат да покажат дека нивната аргументацијата е поддржана од страна на граѓаните како причина на нивната реакција на одредени аспекти во општеството. Не станува збор да ја покажат својата моќ бидејќи таа се гледа на избори. Оправданоста на еден митинг кој го прави опозициска партија е поголема бидејќи протестира против политиките на власта од недостаток на реформи. Неоправдани се митинзите и протести на владејачките партии, бидејќи таквите протести се самите против себе. Порано додека ВМРО-ДПМНЕ беше на власт имавме „протести и контра протести“, сега кога е СДСМ на власт имаме „протести против себе“ – вели Божиновски.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот